Новиот Закон за бесплатна правна помош (ЗБПП) што почна да се спроведува на 1 октомври 2019 година, општо земено, го смени концептот на системот на правна помош во Северна Македонија. ЗБПП користи полиберален пристап, има поширок опфат и осигурува пристап до правна помош за сите правни прашања, со исклучок на тие што се експлицитно наведени.
Имајќи го предвид опсегот на воведените новини, беше потребна кампања за подигање на свеста со цел да се зајакнат познавањата за бесплатната правна помош (БПП), како кај правните професионалци, така и кај потенцијалните корисници, да се поддржи поширок пристап и да се зголеми бројот на поднесени барања за БПП, со особен фокус на жени, на деца и на ранливи групи.
Бесплатната правна помош претставува давање на бесплатни правни услуги на сиромашни и маргинализирани лица коишто инаку не можат да си ги дозволат.
Денес е точно една година од одбележувањето на отпочнувањето на кампањата за подигање на свеста за бесплатната правна помош (БПП) во Северна Македонија на Европскиот ден на правдата, иницијатива на проектот „Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа, Horizontal Facility II за Западен Балкан и Турција. Кампањата допре до повеќе од 300.000 луѓе, информирајќи ги за важноста, достапноста и функционирањето на системот за БПП.
Ова се одрази во зголемен број на поднесени и одобрени барања за БПП во 2020 година: 299 лица примиле примарна правна помош во подрачните одделенија на Министерството за правда во 2019 година, во споредба со 663 во 2020 година. Очигледно е зголемувањето од 121 отсто, додека пак вкупниот број на одобрени барања за секундарна правна помош бележи зголемување од 46% во споредба со 2019 год.
Тековната кампања за подигање на свеста има за цел да ја смени перцепцијата во општеството за БПП и да гледа на неа како на важен, достапен и функционален механизам за правна заштита на ранливи групи на граѓани и како на обврска на државата да обезбеди еднаков пристап до правна помош за оние граѓани коишто тоа не можат да си го дозволат. Кампањата ја зајакна свеста за БПП како на правните професионалци, така и на потенцијалните корисници со цел поддржување на поширок пристап, со особен фокус на жени, на деца и на ранливи групи.
Во период од една година, во рамки на проектот за бесплатна правна помош во Северна Македонија, се поддржаа разни промотивни активности за подигање на јавната свест. Поконкретно, беа произведени важни промотивни материјали за информирање на различна публика, како на пример, информативни листови, летоци, постери, на македонски, албански, турски и ромски јазик кои беа дистрибуирани до повеќе од 230 релевантни институции/организации, со цел да се допре до што е можно повеќе луѓе, особено до ранливите групи, со особен фокус на жртвите на семејно насилство, деца, Роми и останати малцинства.
Со цел да се поддржи овој процес, беа креирани и нова страница за БПП на Фејсбук додека пак, новата веб-страница за БПП, беше направена за поддршка на Министерството за правда и таа почна да функционира како платформа со ресурси на којашто можете да најдете важни и ажурирани информации за услугите за бесплатна правна помош во Северна Македонија.
Со цел да се информира клучната публика за услугите поврзани со БПП, беа објавени реклами во повеќе веб-портали, како и во дневни весници, а исто така, повеќе од 30 статии во медиуми беа објавени на национални и локални медиумски портали.
Интервјуата за БПП со министерот за правда и со директорот на Директоратот за човекови права во Советот на Европа беа нашироко прегледувани во два дневни национални медиуми.
За време на информативната кампања, се промовираа и Законот за бесплатна правна помош и постапките за поднесување на барање за Бесплатна правна помош (БПП) на разни утрински програми на трите најпопуларни национални телевизии во С.Македонија.
Понатаму, беше направено и промовирано анимирано видео за БПП коешто беше објавено на Веб-страницата за БПП, на страницата за БПП на Фејсбук, „Бесплатна Правна Помош”, споделено на социјалните медиуми на министерот и на заменик- министерот за правда и беше емитувано на национални ТВ-станици на македонски и на албански јазик (МТВ 1 и МТВ 2) како и на повеќе локални ТВ-станици.
Како резултат на оваа иницијатива за подигање на свеста, интересот на граѓаните за БПП се зголеми, имено, се забележува зголемен прилив на прашања од страна на граѓани до давателите на правна помош. Во иднина се очекува натамошно зголемување на бројот на граѓани кои слушнале за користењето на услуги за БПП бидејќи, кампањата што започна минатата година, по повод Меѓународниот ден на правдата, ќе продолжи да се спроведува.
Повеќе информации можат да се најдат на веб-страницата на Министерството за правда.