Од Судот на БиХ, за БИРН потврдија дека на 20 јули дале налог за распишување меѓународна потерница по Драгомир Кезуновиќ, кој беше осуден на 14 години затвор за учество во убиство на 28 цивили во босанскиот град Теслиќ, во 1992 година.
Кезуновиќ доброволно присуствуваше на судските рочишта, иако живее во Србија, но не присуствуваше и на читањето на првостепената пресуда во јули оваа година, кога беше осуден на 14 години затвор за злосторства во Теслиќ.
– Обвинетиот Драгомир Кезуновиќ живее во Нови Сад, Република Србија. Во текот на кривичната постапка, Обвинителството на БиХ не предложи, во однос на обвинетиот Кезуновиќ, да се одредат мерки на забрана или притвор, бидејќи обвинетиот редовно доаѓаше на главните претреси – соопшти судот.
Откако не присуствуваше на изрекувањето на пресудата, судот му изрече мерка притвор.
Со неправосилната пресуда, заедно со Кезуновиќ и Драган Марјановиќ, Саша Гаврановиќ, Витомир Девиќ и Зоран Шљука беа прогласени за виновни по обвинението дека ноќта помеѓу 17 и 18 јуни 1992 година, на планината Борје, одвеле 28 цивили, кои биле притворени во полицијата во Теслиќ и во затворот „Прибиниќ“, каде што ги убиле.
Според пресудата, Марјановиќ бил командир на вод на воената полиција на бригадата Теслиќ на Војската на Република Српска (ВРС), а другите обвинети биле членови на тој вод и членови на воениот дел на формацијата „Миќо“.
Судскиот совет образложи дека за Гаврановиќ, Девич и за Шљука било утврдено оти делото го извршил пукајќи во цивилите, заедно со други лица, но оти за Кезуновиќ не било утврдено дека пукал, туку дека бил во близината и „придонел кон убиството на 28 цивили“.