Мора да им дадеме приоритет на развојот на земјоделството и руралниот развој во државата. Во овој период треба сите заеднички да дејствуваме во земјоделскиот сектор, за да можеме со здружени сили да излеземе од оваа криза, Само организирани, обединети, информирани, можеме да одговориме на предизвиците што нѐ очекуваат за креирање конкурентни и профитабилни земјоделски стопанства, кои треба да му обезбедат одржлив развој на нашето општество, тврдат аналитичарите
Европската комисија го забележува напредокот, но и слабостите во секторот земјоделство
Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, забележувајќи умерен напредок во одредени области, но и значајни слабости во поглед на менаџментот со јавните финансии и мерките за издигнување на конкурентноста на земјата. Во однос на секторот земјоделство, од ЕК велат дека Македонија е умерено подготвена во повеќето области од земјоделството и руралниот развој. Според комисијата, добро ниво на подготовка има во делот на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, додека во рибарството, регионалната политика, координацијата на структурните инструменти, стратегиските цели и финансиските и буџетските одредби нема или бележи ограничен напредок.
– Потребни се стратегиски планови за финансиска поддршка и развој на земјоделството. Од суштинско значење е и кадровската екипираност на Платежната агенција, на која треба да се поработи, а и националната политика за рурален развој треба да се усогласи со правото на Европската Унија. Наредната година државата треба особено да поработи на раздвојување на директните плаќања, како и на пренесување на фарм-регистарот и системот за идентификација на парцелите на Платежната агенција. Треба да се усвои и законска рамка за натамошно усогласување со правото на ЕУ во областа на заедничката организација на пазарот, како и да се вработи квалификуван кадар во ИПАРД-структурата, во согласност со обемот на работа – посочува Европската комисија.
Оттаму се вели дека нема подобрување во функционирањето и сигурноста на системот за идентификација и регистрација на животните, ниту на капацитетот за натамошно усогласување и спроведување на европската легислатива за зоолошко-технички прашања.
– Наедно, административниот капацитет продолжува да се влошува и не е постигнат напредок во однос на вработените. Потребна е политика за задржување на вработените и функција за обука и градење капацитети, за да може да се постави акциски план за развој што ќе почне да се спроведува за да се елиминираат слабостите во овој сектор и да постигне напредок во сегментот на усогласување со правилата на ЕУ за заедничка организација на пазарот – пишува во извештајот на ЕК.
Проект-менаџерката во Национална федерација на фармери, Билјана Петровска-Митревска, се согласува со анализата на Европската комисија, велејќи дека за да може да се зборува за земјоделството како стопанска гранка што ќе се развива во духот на претприемаштвото треба да се овозможи поволна кредитна понуда преку комерцијалните банки, Развојната банка на Македонија за малите производители на храна (регистрираните индивидуални земјоделци), кои се соочуваат со проблеми со откупот и имаат вишок непродадени количества.
– Токму со овие финансиски средства ќе имаат можност за инвестиции во делот на подобро производство и на земјоделски производи и преработки. Потребно е државната програма за финансиска поддршка на руралниот развој да биде насочена кон воведување нови технологии и инвестиции, кои ќе овозможат економско јакнење на земјоделците. Потоа, воведување на гарантниот фонд што ќе помогне во делот на искористувањето на ИПАРД-програмата, како и зголемување на кадарот и поголема едукација и за менаџирање на земјоделските задруги, пристап до пазари и маркетинг – потенцира Петровска-Митревска
Според неа, уште еден значаен сегмент што може да поттикне и помогне на развојот на нашиот аграр е преработувачките капацитети во државата да се развиваат за да може да се зголеми откупот на домашни производи со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и овошје.
– Особено внимание треба да се посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура во делот на патиштата, наводнувањето, одводнувањето и справувањето со климатските промени, како и почитувањето и функционирањето на договорното производство во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој. Многу е важно креирање на стратегија и мерки за приспособување на земјоделството на новите климатски услови и справување со временските непогоди. Овој сектор е особено изложен на климатските промени, кои негативно влијаат врз него. Мора да им дадеме приоритет на развојот на земјоделството и руралниот развој во државата. Во овој период треба сите заеднички да дејствуваме во земјоделскиот сектор за да можеме со здружени сили да излеземе од оваа криза – додава Петровска-Митревска.
Таа вели дека само организирани, обединети, информирани, можеме да одговориме на предизвиците што нѐ очекуваат за креирање конкурентни и профитабилни земјоделски стопанства, кои треба да му обезбедат одржлив развој на нашето општество.