Фото: Игор Бансколиев

Претстои тежок период и навлегување на целата економија во нова неизвесност, се очекува дека притисокот ќе биде голем во наредниот период и потребни се брзи приспособувања, бидејќи постои зголемување на цените на репроматеријалите што се користат во винската индустрија, како и недостиг од одредени репроматеријали во одредени временски интервали

Последиците од ковид-19 во винскиот
бизнис ќе траат многу повеќе од
здравствената криза

Кризата предизвикана од ковид-19 ѝ нанесе голема штета и на македонската винска индустрија. Падот во продажбата на виното на почетокот на пандемијата изнесувал дури 80 отсто. Иако македонскиот вински сектор избегна целосен колапс, сепак неизвесноста од пандемијата продолжува и понатаму да влијае на винската индустрија. Соговорниците што се директно инволвирани во винскиот бизнис очекуваат дека притисокот ќе биде голем во наредниот период, но, сепак, не ги губат упорноста и посветеноста кон овој бизнис, а на кризата гледаат и како на можност, бидејќи таа им покажала дека можат да се натпреваруваат со водечките светски производители.
– Минатата година кризата предизвикана од ковид-19 направи огромни штети врз македонската винска индустрија и сериозно ја наруши ликвидноста на македонските винарници. Секако, последиците се почувствуваа од падот на продажбата како на домашниот пазар, така и на пазарите во регионот и на интернационалните пазари каде што се пласира македонското вино. Сепак, податоците од првите шест месеци од 2021-та покажаа дека потрошувачката полека се зголемува, особено со отворањето на ХОРЕКА-секторот, но неизвесноста од ковид-19 продолжува и понатаму да влијае на винската индустрија – вели Никола Деребанов, генерален директор на холдинг-компанијата „Перминдекс“ за винарницата „Стоби“, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар Градско“.
Она што започна на крајот на летото и сѐ повеќе ќе се продлабочува во наредниот период, според Деребанов, е зголемување на цените на репроматеријалите што се користат во овој сектор, како и недостиг од одредени репроматеријали во одредени временски интервали.

– Дополнително, со оглед на тоа што македонската винска индустрија е извозно зависна со партнeри надвор од регионот и во прекуокеанските земји, значителен проблем веќе една година предизвикува транспортот, особено бродскиот превоз, каде што трошоците се веќе дуплирани и сѐ уште се јавува недостиг од контејнери – посочува Деребанов.
Тој нагласува дека претстои тежок период и навлегување на целата економија во нова неизвесност, а се очекува дека притисокот ќе биде голем во наредниот период и потребни се брзи приспособувања.
– Нашата цел во наредниот период, како винарница што е значително присутна на домашниот пазар и дополнително извезува дури 76 отсто од своето производство, е да се посветиме во делот на продажба и маркетинг. Планираме да инвестираме во делот на креирање нови линии производи во нашето портфолио, со што би одговориле на новите барања на пазарите. Светот навидум е потопен во кризи, при што компаниите треба да се справат со разни пазарни шокови како еден вид нова норма. Иако компаниите треба да бидат флексибилни и агилни за да одговорат соодветно на овие шокови, маркетингот може да биде непроценливо богатство што ја води компанијата низ криза – смета Деребанов.
Според Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на здружението „Вина од Македонија“, ковид-19 е причина за тектонските промени во целиот пазарен синџир на производство и продажба на вино што се одразија и на македонската винска индустрија.

– На почетокот на пандемијата, за време на целосното затворање на угостителските објекти, падот во продажбата изнесуваше речиси 80 отсто во ХОРЕКА-каналот на продажба. Се соочивме и со проблеми при извозот поради падот на цените на виното на странските пазари, предизвикан од обидот на големите земји производители на вино, како Шпанија, Италија и Франција, да се ослободат од сопствените зголемени резерви на вино. Сето ова ги зголеми пазарната несигурност и непредвидливост и сериозно ја влоши финансиската стабилност на винарниците, наметнувајќи неопходна потреба од итно приспособување на деловните планови во однос на управување со резервите и намалување на трошоците за да се зачуваат работните места и да се обезбеди долгорочно опстојување на компаниите од овој сектор – објаснува Младеновска-Јеленковиќ.
Таа споменува дека од сегашна временска дистанца, година и пол од почетокот на пандемијата, можеме да кажеме дека благодарение на ваквите приспособувања, како и поддршката што ја обезбеди државата, македонскиот вински сектор, и покрај тешките предизвици со кои се соочи, сепак избегна целосен колапс и успеа да опстане.
– Со оглед на околностите, падот во извозот на вино во 2020 година се очекуваше, но овој пад на годишно ниво не е толку изразен како што беше падот на продажбата на домашниот пазар. Сепак, имајќи предвид дека 85 отсто од произведеното вино оди на странските пазари, ефектот е голем. За среќа, нашите винарници направија напори и во првата половина на 2021-та продажбата на странските пазари бележи мал раст – истакна директорката на здружението.
Таа укажува дека сите анализи покажуваат дека негативните последици од актуелната криза, особено кај најпогодените индустрии, вклучувајќи ја и винската, ќе траат многу подолго од самата здравствена криза.
– Тоа е така затоа што кризата предизвика сериозна дисторзија во синџирот на производство, дистрибуција и продажба, за која ќе треба време и дополнителни вложувања да се врати во нормалните текови, што, секако, ќе бара и понатаму активно учество и слух од креаторите на националните економски политики. Сепак, доколку кризата се гледа и како можност, тогаш дефинитивно она што може да се препознае во актуелната криза е дека виното е производ со кој ние како земја можеме да се натпреваруваме и да бидеме рамо до рамо со водечките светски производители и затоа оваа индустрија заслужува соодветен третман и поддршка во нејзиниот натамошен развој – дополнува Младеновска-Јеленковиќ.