Ќе се обноват 835 метри од овој дел на булеварот

Почнаа градежните работи за реконструкција на булеварот Партизански одреди и тоа во делот на коловозот во населбата Влае во Карпош. На овој дел од булеварот, со вкупна должина од 835 метри, целосно ќе биде отстранет стариот асфалт и ќе биде нанесен нов асфалтен слој. Исто така, ќе се заменат оштетените шахти и ќе се нивелираат постојните, а ќе се заменат и сите оштетени рабници. Почетокот на градежните работи, вчера излегувајќи на терен, го официјализира и градоначалникот на Скопје, кој апелираше до граѓаните да имаат трпение и да се придржуваат кон новонастанатите сообраќајни услови.

– Градот Скопје ја почна реконструкцијата на булеварот Партизански одреди на потег од мостот „Обединети нации“ до кружниот тек со улицата Ацо Шопов во должина од околу 850 метри. За работите побрзо да се одвиваат и што е можно помалку да им го отежнеме движењето на граѓаните додека се врши реконструкцијата, градежните активности се поделени на две фази и ќе ги вршат две различни компании. За реконструкцијата на булеварот Партизански одреди, градот Скопје ќе издвои околу 19 милиони денари – кажа градоначалникот Шилегов.

Градскиот татко апелираше до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат до привремениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот, истовремено замолувајќи ги за разбирање при тешкотиите во одвивањето на сообраќајот до завршувањето на реконструкцијата.

Како што соопштуваат градските власти, реконструкцијата на булеварот Партизански одреди е една од низата што се реализираат во овој период во насока на обезбедување побрз, побезбеден и поефикасен сообраќај во градот.
Претходно почна и втората фаза од проектот за изградба на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел, како и реконструкцијата на улицата Ацо Шопов. Во наредниот период ќе почне и реконструкцијата на улиците Брадфордска и Лондонска во Карпош, улицата Антон Попов во Кисела Вода, како и изградба на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина.