Можностите за да се собереме се многу малку, но мора да ги прифатиме овие околности, бидејќи дијалогот ни помага да го заштитиме уникатното место што фудбалот го има во светот и да го направиме вистински глобален, рече Венгер, кој ја предводи техничката советодавна група на ФИФА за фудбал за мажи
ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА ПРЕКУ ВИДЕОКОНФЕРЕНЦИЈА
Селекторите на фудбалските репрезентации за мажи ќе имаат можност да го кажат своето мислење за планот за играње на светските првенства секои две години, пишува „Би-би-си“, откако, според најавите, Арсен Венгер, шеф за глобален развој во Светската фудбалска федерација (ФИФА), вчера ја водеше првата видеоконференција преку интернет, а втората е закажана за утре.
Планот за реформа на меѓународниот календар од 2024 година наиде на голем отпор, Европската фудбалска унија (УЕФА) и Асоцијацијата на европски клубови се противат, пишува „Би-би-си“. Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), исто така, изрази загриженост за влијанието на светските првенства на секои две години врз целата спортска рамка и побара поголема консултација.
Зборувајќи пред меѓународните натпревари неодамна, селекторот на Англија, Герет Саутгејт, рече: „Сите сакаме натпревари на високо ниво…, но не можете само да продолжите да додавате во календарот“.
ФИФА вели дека одржувањето светски првенства секои две години, наместо секои четири, ќе ги зголеми шансите на земјите да играат на турнирот и дека намалувањето на квалификациските натпревари и меѓународните паузи ќе го намали патувањето на фудбалерите. УЕФА вели дека ќе се спротивстави на плановите додека не се отфрлат и верува дека двегодишното светско првенство ќе го одземе престижот на ова натпреварување.
Венгер, кој ја предводи техничката советодавна група за фудбал за мажи, вели дека придонесот од селекторите на националните тимови е „од суштинско значење“.
– Можностите за да се собереме се многу малку, но мора да ги прифатиме овие околности, бидејќи дијалогот ни помага да го заштитиме уникатното место што фудбалот го има во светот и да го направиме вистински глобален – рече тој во изјавата за ФИФА.
Светската фудбалска федерација одржува посебна консултација за фудбалот за жени, која ќе ја води двократниот селектор победник на светските првенства, Џил Елис.