Од книгата „Бисерчиња од детски главчиња“ на Славка Арсова (6)
Баба Тамара ѝ чита еден расказ на шестгодишната внука Марта.
„Една група дечиња се собрале и отишле на излет на Водно. Поминале повеќе часови, а децата ги нема. Родителите загрижени и исплашени тргнале да ги бараат. Но каде, не знаеле! “
– Чекај бабо, застани! – извика Марта. – Како овие деца отишле на излет, зар не им кажале на родителите?
– Па, ете, така пишува овде, не им кажале ни каде одат, ни кога ќе се вратат – ѝ одговори баба ѝ Тамара.
– Леле, бабо, колку се неодговорни овие деца! Тие биле должни да им се јават на родителите и да им кажат каде одат, а не да ги загрижуваат! – речиси налутено прокоментира малата Марта, како вистинска судијка.
Коментар: Браво, Марта! Ти си умно девојче. Во право си што се лутиш на овие деца (од расказот). Навистина, тие биле неодговорни кон своите родители. Секое дете, кога оди некаде, треба да им се јави на родителите.
За авторката
Славка Арсова е поетеса и писателка за деца и млади. Родена е во Скопје, каде што завршила Филозофски факултет, а денес е професорка во пензија. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија.
Била членка на Претседателството на ДПМ во два наврати, претседателка на Здружението на просветни работници на РМ и претседателка и основачка на детскиот републички литературен фестивал „Ракатки“.
Добитничка е на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, награда на манифестацијата „Месец на липите“, наградата за животно дело на Здружението на просветни работници – литературни творци и други признанија.
Автор е на повеќе книги за возрасни, а за најмладите читатели ги издала: „Именијада“, „Да полетаме со птицата“, „Детски лажгосмешки“, „Имиња без презимиња“, „Детски ѓаволштини, „Дом на месечината“, „Зелениот брод“, „Мобилките пред пештерата“, „Волшебниот свет на децата“, романот „Солзите на Роска“ и „Бисерчиња од детски главчиња“ 1 и 2, од кои објавуваме делови.