Американскиот сенатор Рон Џонсон по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, на прес-конференцијата во Белград порача дека САД на Србија и посакуваат стабилност и просперитет.
-Кога ние обрнуваме особено значење на еден дел од светот, како на Србија и на Балканот, тоа е добро за сите вас. САД знаат дека има одговорност доста работи да понуди,но ние не сакаме на никој начин да наметнуваме било какво решение. Сакаме да го подржиме претседателот Вучиќ, да му дадеме простор по ова прашање да дојде до флексибилно решение-изјави Џонсон.
Тој посочи дека „Вучиќ ќе покаже храброст да го реши овој проблем и дека ќе имаат поддршка сите оние кои сакаат да го решат проблемот и на Косово и во Србија.“
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека сенаторот Џонсон “секогаш сакал да слушне што Србите имаат да кажат и бидејќи тој се залага за мир на Балканот и се обидува да даде придонес за постигнувањето на компромисно решение меѓу Србите и Албанците, Белград и Приштина.“
Српскиот претседател рече дека разговарал со Џонсон за подобрување на билатералната соработка помеѓу Србија и САД.
-Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп, потпретседателот Пенс и сенаторот Џонсон, бидејќи после доста време некој во САД сака да ја слушне позицијата на Србија и на Белград. Ние не секогаш имаме исти гледишта, но се обидуваме да ги надминеме тешкотиите поставени во минатото, рече Вучиќ на прес-конференцијата и додаде:
“Го запознав сенаторот со состојбата во Косово и би кажал дека би било важно ако би сме имале повеќе помош од регионот и од светот, да го чујат она што го кажуваме, а не да извлекуваат од контекст”.
Одговарајќи на новинарски прашања за постигнување на договор меѓу Белград и Приштина, Вучиќ рече:
-Мислам дека не постои решение без САД, без Германија или без Русија. Мислам дека големите сили треба, пред сè, да ги стимулираат разговорите.
Тој истакна дека Русија „секогаш била на нивна страна”.
-Русија отсекогаш била на наша страна, на страната на меѓународното право, исто како што Соединетите Американски Држави и Германија сметаа дека се на страната на меѓународното право кога станува збор за признавањето. Затоа ни е потребно решение со кое ќе бидеме подеднакво незадоволно и едните и другите или барем малку задоволни, заклучи Вучиќ.