Следната недела, од 24 до 26 септември, во Скопје и Лазарополе ќе се одржи годинешното, четврто по ред издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Годинава, кога се навршуваат 90 години од раѓањето на македонскиот книжевен великан и општественик, академик Анте Поповски, манифестацијата има најбогата програма досега, при што се настојува преку неа да се оствари влог во трајните вредности на македонската култура, да се промовира македонската книжевна продукција и да се поттикнува македонската книжевна наука.
Свеченото отворање ќе се одржи на 24 септември (петок), со почеток во 19,30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, со беседа на проф. д-р Кристина Николовска. Притоа ќе биде отворена и изложба на предмети, документи и фотографии на академик Анте Поповски, коишто претставуваат музејски фонд. Поконкретно, станува збор за обемна збирка од личниот фонд на великанот, којашто неодамна, семејството Поповски ја подари на Музејот, каде соодветно ќе се чува и презентира, имајќи го предвид нејзиното исклучително значење за македонската и светската културна историја.
Веднаш потоа, со почеток во 20 часот, во Музејот ќе се одржи централната свеченост на манифестацијата, на којашто ќе бидат врачени почесното признание „Антева златна книга“ и наградите од конкурсот за поетски ракопис „Антево перо“ за 2021 година. Годинешен добитник на почесното признание за долгогодишни книжевни остварувања од интерес на македонската книжевност, култура и идентитет е академик Влада Урошевиќ, а на наградата „Антево перо“ е поетот Братислав Ташковски, за книгата „Небесни разговори“, којашто за првпат ќе биде промовирана во рамките на свеченоста. Ќе бидат врачени и наградите „Антев златник“ – на Елизабета Баковска за збирката поезија „Сите болки станаа мои“ и на Димитар Аранаудов за книгата „Ѕвезден часовник“, и „Антев часовник“, награда за млад автор – на Марија Филипова за книгата „Твоите далги на брегот на Стикс“.
Во рамките на свеченоста ќе се одржи и поетско читање на коешто ќе настапат поети чиишто ракописи влегоа во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2021 година, за којашто конкурираа дури 69 автори. Како што беше соопштено неодамна, повеќе од половината пристигнати ракописи заслужуваат висок поетски третман.
Следниот ден – 25 септември (сабота), манифестацијата ќе продолжи во Антевото родно Лазарополе, со научниот симпозиум „Антево дело“, којшто од годинава има меѓународен карактер. На симпозиумот ќе учествуваат десетина истакнати книжевни проучувачи, при што ќе се отворат и прашања за досега помалку истражувани сегменти од волуменозниот творечки опус на Поповски. Од симпозиумот ќе произлезе и зборник, во којшто покрај научните трудови коишто ќе бидат презентирани во Лазарополе ќе бидат објавени и нови научни трудови од низа други познавачи на Антевото дело.
Во Лазарополе ќе се одржи и вечер со творештвото на академик Анте Поповски, именувано според неговата прва книга – „Одблесоци“, а во текот на третиот ден од манифестацијата, учесниците ќе ја посетат неговата родна куќа по што во Паркот на книжевноста ќе се одржи поетското читање „Провиденија“, со коешто програмата ќе биде заокружена.
Манифестацијата „Анте Поповски – Антево дело“ е веќе препознатлива на македонската културна мапа, а годинава, заради корона-вирусот, севкупната програма ќе се одвива според предвидените протоколи и со ограничен број присутни.