Научниците утврдиле дека децата на возраст до три години, од двата пола, еднакво се снаоѓаат во просторот, но кога ќе пораснат, девојчињата ја губат таа способност. Причината, пред сѐ, е во воспитувањето и во социјалното и културолошкото опкружување
Психолозите објаснуваат
Кога на улица ќе запрете некој маж и ќе го прашате како да стигнете до одредено место, неговото објаснување најверојатно ќе изгледа вака: „Одете околу два километри североисточно, потоа на раскрсницата свртете лево и по стотина метри десно, па продолжувате кон запад“. Но ако наидете на жена, таа најверојатно ќе ве упати да одите по главниот пат до стоковната куќа, да ја преминете улицата, па да продолжите покрај паркот, сѐ додека не наидете на споменикот и оттаму продолжете по булеварот, кој ќе ве однесе до целта.
Психолозите одамна забележале дека меѓу половите навистина има разлики во доживувањето на просторот и начинот на одредувањето на правецот на движење, при што мажите претежно се ориентираат според страните на светот, а жените според објектите. Ова неодамна го потврди студијата спроведена на Универзитетот во Мајами, САД, меѓу 159 студенти од двата пола.
Испитаниците пополниле прашалник со голем број прашања за тоа како се снаоѓаат во просторот, дали имаат некои проблеми во врска со тоа и какви им се искуствата од детството. Врз основа на одговорите, истражувачите утврдиле дека мажите почесто и поуспешно се ориентираат врз основа на „внатрешниот компас“ и поподготвени се да тргнат во некоја насока, проценувајќи ја доста исправно положбата на местото на кое се наоѓаат, додека жените повеќе ја користат „патната стратегија“ и се придржуваат до познатите маршрути.
Поттик од родителите
Според стручњаците, една од причините е тоа што родителите ги охрабруваат момчињата од најмала возраст самостојно да ја истражуваат околината, додека на девојчињата, заради безбедност (но и родови предубедувања), главно, им се забранува тоа . Исто така, момчињата растат навикнати слободно да чекорат кон новото непознато опкружување, без страв дека ќе се изгубат, а девојчињата најчесто во такви ситуации стануваат претпазливи и наместо да размислуваат каде ќе одат, почнуваат да стравуваат како ќе одат? Навистина, авторите на студијата признаваат дека причините се малобројни и се засновуваат на личните искази на испитаниците, но сепак, ја истакнуваат важната улога на родителите за идната просторна ориентација на детето, во зависност од тоа дали го поттикнувале неговото самостојно растење и откривање на светот.
Децата од двата пола што имале дозвола да талкаат по соседството и секојдневно сѐ повеќе да го запознаваат крајот во кој живеат, кои дури се поттикнати на летување или на излет да одат без придружба од возрасен да ја прошетаат околината, рано стекнале самодоверба во својата вештина за просторна навигација во различни средини.
Д-р Сара Ален, детски невропсихолог, предупредува на тоа дека тоа воопшто не значи дека на децата треба да им дозволиме туку-така да скитаат наоколу и укажува на фактот дека тоа што некои студенти „паметат“ како, кога биле малечки, на своја рака храбро јуреле наваму-натаму, можеби и не е сосема вистинито. Можеби, едноставно не биле свесни дека возрасните незабележано будно внимаваат на нив. Земајќи ги предвид овие ограничувања, забележува д-р Сара Ален, децата секако би требало да се охрабрат безбедно да ја истражуваат околината, сами или со други, не само за да поминуваат повеќе време надвор, туку и да научат да се движат во просторот.
Важноста на раното учење
Ејми Насамран, детски психолог, истакнува дека детските авантури предизвикуваат чувство на слобода, самодоверба, компетенција и успех, бидејќи тоа е најдобар начин да се совлада анксиозноста токму преку сопственото соочување со различни предизвици и откривање начини тие да се надминат. Иако родителите се во постојано искушение да го заштитат и тргнат своето дете од секаква опасност, тоа што им дозволуваат да стекнуваат сопствени искуства е од клучно значење за нивниот развој, за да станат целосни, компетентни личности со самодоверба.
Враќајќи се на прашањето за различниот пристап во просторното снаоѓање меѓу половите, д-р Насамран нагласува дека тоа нема никаква врска со интелектот, туку со разликите во некои специфични способности кај мажите и кај жените, а една од нив е токму просторно-визуелна. Па иако многумина се подготвени поуспешното снаоѓање во просторот кај мажите да го припишат на биолошки карактеристики, вистината е дека многу позначајни се општествените и културолошки причини. Имено, научните студии покажаа дека на возраст од три години момчињата и девојчињата покажуваат еднаква просторна снаодливост, а разликите стануваат поголеми подоцна во текот на растењето, но и во зрелоста.