Етика за млади
Училиштето е една од најкорисните дејности што ги измислило човештвото. Секое дете треба да израсне, да научи многу нешта за животот, да се образова и опреми со разни знаења, да се оформи како личност. Најпрво децата учеле од најспособниот во заедницата, но веќе одамна се создадени училиштата, каде што децата ги учат сите потребни нешта. Денес сите деца на светот одат на училиште најмалку десетина години, а најчесто по 15 и 20 години, додека не станат стручњаци. Потоа учат без прекин и во текот на целиот живот.
Затоа училиштата се големи заедници. Во нив има и по 1.000 и 2.000 деца. Училиштето е втор дом за децата, тука го минуваат поголемиот дел од денот, речиси цела седмица и многу месеци во годината, освен кога е распуст или во случај на глобални промени, како што е актуелната пандемија на коронавирусот.
Во училиштето децата се дружат со врсниците, заедно се развиваат, стануваат другари и ги научуваат најважните знаења и вештини што ќе им требаат во животот и во работата.
Едно од тие важни нешта е и учењето етика, како наука за доброто, за вредностите што секој човек треба да ги цени и извршува.
Бидејќи учењето е многу важно за децата, од нив секако се очекува добро однесување во училиштето. Некои добри постапки се поврзани со учење, други со правилно поведение, а трети со односот со другите ученици.
Секое дете треба да се труди да учи добро, да ја искористи можноста за напредок, а државата од своја страна издвојува средства да се организира образованието, но трошоци имаат и родителите. Затоа секое дете треба да се труди да учи, за подоцна да живее подобро и поквалитетно.
Исто така, за секое дете е важно да биде другар со другите деца, кон поголемите да има почит, кон децата од својата генерација да биде отворено и пријателски настроено, а кон помалечките да покажува грижа. Во училиштето се воспоставуваат другарства, кои продолжуваат низ целиот живот. Таквите пријатели се толку блиски што другарите од училишните денови се сметаат за браќа и сестри.
Затоа, деца, треба да се чува училиштето, да им помагате на другите да учат, зашто сите ученици имаат иста цел – да израснат во зрели личности, кои ќе можат да работат добро и да се однесуваат правилно.
проф. д-р Кирил Темков
Етичка мисла
Животната цел на секого и секогаш е иста:
да напредува во доброто.
Лав Николаевич Толстој, писател