В СРЕДА ПОЧНУВА 32-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Најмногу ќе зависи од нас, ќе треба да одиграме без калкулации против сите. Одиме на ова ЕП да се надигруваме, да се бориме и да испишеме нова одбојкарска историја на Македонија. Со четири селекции можеме да играме рамноправно, па и да победиме, освен со Русија, иако и со неа ќе играме растоварено, вели Ѓоргиев, капитенот на македонската репрезентација, која од задутре ќе игра на своето второ европско првенство

Македонската машка одбојкарска репрезентација подготвена го очекува настапот на 32-то Европско првенство (ЕП) во групата Ц, што ќе се игра во Тампере, Финска (од среда до 19 септември). Европското првенство годинава ќе се игра уште и во Полска, Чешка и во Естонија.
Прв ривал на црвено-жолтите, кои во играчкиот состав имаат две нови имиња во однос на претходното дебитантско Европско првенство за Македонија, во групата што се играше во Словенија, во 2019 година, е селекцијата на Финска, со која се сретнаа во првото коло и на минатото континентално првенство.
Дуелот од првото коло се игра в среда од 18 часот. Потоа се средбите со Холандија (3 септември), Турција (5 септември), Шпанија (6 септември) и со Русија (8 септември).
Искусниот капитен на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓорѓиев, е оптимист пред почетокот на 32-то Европско првенство.

– Одиме на ова Европско првенство да се надигруваме, да се бориме и да испишеме нова одбојкарска историја на Македонија. Мислам дека сме добро подготвени, битно е што сите сме здрави и без повреди. Финска е првиот противник, како и на минатото Европско првенство. Тогаш нѐ победија повеќе на нашите лесни, наивни грешки, не беа подобри, но беа поконстантни. Сигурен сум дека имаме квалитети овој пат да ја победиме Финска, но ќе мораме да одиграме позрело, поодговорно и поконцентрирано. За другите Македонија е аутсајдер, но и ние си имаме свои математики. Најмногу ќе зависи од нас, ќе треба да одиграме без калкулации против сите. Со четири селекции можеме да играме рамноправно, па и да победиме, освен со Русија, иако и со неа ќе играме растоварено. Фаворити за медали се Русија, Грција, Полска и Србија – вели Ѓоргиев.

Најдобрите четири репрезентации од сите четири групи на континенталното одбојкарско првенство годинава ќе се пласираат во осминафиналето, кое треба да се игра во Полска и во Чешка. Во осминафиналето, селекциите што од групата Ц (во која игра Македонија) ќе се пласираат меѓу 16-те најдобри на ЕП 2021, ќе се сретнат со репрезентации од групата А, во која се репрезентациите на Белгија, Грција, Полска, Португалија, Србија и на Украина.

– Моите очекувања и на сите во репрезентацијата се да се пласираме во вториот круг, да бидеме поуспешни од минатото ЕП. Тогаш победивме на два меча, но не ја поминавме групната фаза и иако дебитанти, не можеме да говориме за некаков поголем успех. Првиот дуел со Финска е многу битен, победата ќе ни значи многу за кревање на самодовербата. Ако загубиме нема да биде пропаст, но ќе треба да се бара шанса за поправен против силни и амбициозни ривали, како што се Русија, Турција, Холандија – вели плејмејкерот Филип Деспотовски.

Во однос на претходното Европско првенство, што се играше во 2019 година, има само две измени кај учесниците. На минатиот континентален шампионат настапија селекциите на Романија и на Австрија, а сега на нивно место се репрезентациите на Хрватска и на Летонија.

Преостанатите 22 репрезентации што ќе настапат на Европското првенство годинава играа и на првенството пред две години.

– Верувам дека можеме да се пласираме меѓу 16-те најдобри репрезентации на Европското првенство. Ќе биде тешко, нема слаб противник во групата. Ние сме некаков аутсајдер на хартија, но бидејќи нема што да загубиме, тоа може да биде предност за нас, бидејќи имаме искуство, доста силни мечеви зад нас, знаеме колку можеме. Првиот натпревар е со Финка, домаќинот, како и на минатото Европско првенство кога загубивме, но потоа беше подобро, влеговме во ритам и остваривме две победи. Веруваме во своите сили, ќе одиме чекор по чекор, за да ја оствариме целта и да ја поминеме првата фаза – вели Владо Милев.
Македонија со пораз од Словачка (1-3) и со победа над Црна Гора (3-0) го освои второто место на 45. меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“ што се одржа во Скопје. Претходно Македонија одигра и два контролни дуела со актуелниот европски првак Србија во Белград, и двата ги загуби со по 0-3. Тоа беа и први мечеви за Македонија по речиси едномесечните подготовки во Маврово.

– Имам некоја позитивна трема пред ова Европско првенство. Мислам дека најбитен ќе биде првиот меч со Финска, сакаме да им се реваншираме за поразот од Љубљана пред две години. Ако ги победиме, тоа ќе нѐ крене во позитивна смисла, којзнае што ќе биде потоа. Можеме со сите да играме рамноправно и со најдобрите, само не треба да влеземе во некаков лош ритам и да се „загубиме“. Посакувам чекор напред, пласман во втората фаза, меѓу 16-те најдобри, не да бидеме 17-ти како на минатото Европско првенство – рече либерото Дарко Ангеловски.

Средниот блокер Филип Маџунков смета дека со три победи Македонија сигурно оди во вториот круг.
– Со три победи сигурно одиме во вториот круг, тоа е нашата цел. Нема да биде лесно, противниците во групата се многу силни, но ќе се обидеме да извлечеме максимум на секој натпревар. Првиот натпревар против Финска е најбитен, ако ги победиме ќе ни биде полесно и патот во следната рунда ќе ни биде отворен – вели Маџунков. Л.Д.; Г.И.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ НА ЕП 2021
А: Белгија, Грција, Полска, Португалија, Србија, Украина
Б: Белорусија, Бугарија, Чешка, Италија, Црна Гора, Словенија
Ц: Македонија, Финска, Холандија, Русија, Шпанија, Турција
Д: Хрватска, Естонија, Франција, Германија, Летонија, Словачка

МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2021
Коректор: Никола Ѓорѓиев (капитен)
Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Деспотовски
Примачи: Александар Љафтов, Владо Милев, Стојан Илиев, Лука Костиќ и Васе Михаилов
Средни блокери: Ристо Николов, Филип Маџунков, Филип Савовски и Славе Наков
Либера: Дарко Ангеловски и Филип Николовски


РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИТЕ
Македонија – Финска 1 септември, 18 ч.
Македонија – Холандија 3 септември, 19 ч.
Македонија – Турција 5 септември, 13 ч.
Македонија – Шпанија 6 септември, 16 ч.
Македонија – Русија 8 септември, 16 ч.