Новата книга во издание на „Арс ламина“ носи наслов „Од компетентност до комплетност: водич за преживување на наставници“ од Kиро Јорданов. Дека станува збор за книга што треба да ја прочита секој наставник, зборуваат и многуте препораки и анализи на повеќе стручни лица инволвирани во образовниот процес: професори, доктори, магистри, наставници, како и од здружението „Ајнштајн“.
За Александра Поповски-Голубовиќ, претседателка на ЕЛТАМ МК, книгата на Киро Јорданов е основна литература за секој наставник и секој што сака да дознае и да разбере што значи да се биде наставник.
– Оваа книга е синтеза на поучувањето и учењето, со голем акцент на учењето, што ја прави верен следбеник на насоките на активно учење како интенција на современата настава. Од тие причини, книгата е модел на современ наставен практикум, а хрестоматскиот пристап со право дава можност за силна препорака на сите што сакаат да бидат активни и иновативни партиципиенти во современата настава – вели професорката Снежана Мирасчиева.
Според Дамјан Николовски, претседател на здружението за дислексија „Ајнштајн“, оваа книга на еден лесен и разбирлив начин на наставниците им нуди знаење за суштината на дислексијата и како да ја препознаат кај своите ученици. Најважно од сè, во книгата се интегрирани и начините за тоа како наставниците можат да им помогнат на овие ученици да ги остварат своите вистински потенцијали. Оваа книга треба да биде задолжителна литература за секој наставник.
Киро Јорданов e наставник по англиски јазик, едукативен иноватор и автор. Магистер e по англиска книжевност. Три години по ред прогласуван за истакнат наставник на годината. Автор е на повеќе од 30 трудови за образованието и автор и раководител на проекти поврзани со образованието.