Верувам дека со максимална ангажираност и борбеност на целиот тим можеме да ги оствариме нашите цели сезонава во домашното првенство, а исто така се надевам и на наша добра презентација во мечевите од Купот на ЕХФ, вели Божиновска

ИВА БОЖИНОВСКА ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ СО ЖРК МЕТАЛУРГ

Гледајќи ги натпреварите на Металург и Вардар во ракометната Лига на шампионите, а покрај нив и големите европски тимови, се вљубив во ракометот како спорт и посакав и јас да бидам дел од него, вели централниот бек Ива Божиновска (22), која е една од четирите ракометарки што во пресрет на подготовките за новата натпреварувачка сезона ја продолжија верноста со женскиот ракометен клуб Металург.
– Со ракометот почнав да се дружам на 11-годишна возраст како дел од ракометната школа „Кастратовиќ“, на 15 години станав дел од младинскиот тим на Вардар, каде што поминав четири години, а оваа сезона ќе биде трета како сум дел од клубот од Автокоманда – вели организаторката на играта на Металург, Божиновска, којашто е единствена што се занимава со спорт во нејзиното семејство.
Како резултат на својата добра игра, Божиновска беше дел од младинската репрезентација на Македонија на Европското првенство во Словенија во 2017 година.

– Чест е да се носи репрезентативниот дрес и да се бранат боите на својата земја. Се надевам дека враќањето на младите селекции во дивизија А ќе создаде атмосфера за повторно издигнување на македонскиот женски ракомет и дека тоа ќе биде голем мотив за македонските клубови уште поамбициозно и попосветено да продолжат со својата работа во создавањето, издигнувањето и продукцијата на млади ракометарки, кои преку натпреварите во домашните првенства ќе прераснуваат во репрезентативни имиња што ќе ги бранат боите на Македонија на големите натпреварувања – смета Божиновска, чиј идол и мотив за сопствена надградба и напредок е централен бек од редовите на Ејсберг и холандската репрезентација, Еставана Полман.

Освен што има амбиција за освојување на двојната круна во домашното првенство, екипата на Металург сезонава амбициозно гледа и кон натпреварите од Купот на ЕХФ, каде што за противник во второто елиминациско коло го доби тимот на Дуделанж од Луксембург.
– Верувам дека со максимална ангажираност и борбеност на целиот тим можеме да ги оствариме нашите цели сезонава во домашното првенство, а исто така се надевам и на наша добра презентација во мечевите од Купот на ЕХФ – вели Божиновска, чија желба и амбиција е да биде дел од некоја од силните француски или унгарски женски екипи, кои се дел од најсилното клупско натпреварување, Лигата на шампионите.