Грција не може да стане порта кон Европската Унија за Авганистанците кои бегаат од конфликтот кој ескалираше во нивната татковина, изјави денеска грчкиот министер за миграција, Нотис Митараки.
Тој повика на единствен одговор на ЕУ на авганистанската криза.
– Јасно кажуваме дека нема и не можеме да бидеме порта за влез во Европа за бегалците и мигрантите кои би можеле да се обидат да дојдат во Европската Унија – рече Митараки за државната телевизија.
Министерот апелираше за заеднички одговор на ЕУ, бидејќи единството меѓу земјите членки околу тоа дали да ги депортираат Авганистанците кои немаат добиено азил пропадна минатата недела.
Грција беше во првите редови на европската миграциска криза во 2015 година, кога речиси милион луѓе кои избегаа од конфликтите во Сирија, Ирак и Авганистан пристигнаа на грчките острови пред да отпатуваат на север во побогатите европски земји.