Група составена од поединци од разни африкански земји што имале престој во Европа работела на тој начин што креирала лажни имејл-адреси и интернет-страници слични на оние што им припаѓаат на легитимни компании со онлајн продажба. Претставувајќи се како тие компании, криминалците ги мамеле жртвите, кои најмногу биле европски и азиски компании, нудејќи им производи за кои требало да платат однапред доколку сакале да ја добијат нарачката
КРИМИНАЛЦИТЕ НЕ МИРУВААТ, САМО НАОЃААТ НОВИ НАЧИНИ ЗА ПРАКТИКУВАЊЕ КРИМИНАЛ
Не е никаква тајна дека од коронавирусот на големо „профитираа“ криминалните организации и поединците што се занимаваат со криминални активности. Веќе втора година ги тријат рацете од разни нелегални бизниси, а тука не е само шверцот на дрога, оружје, перење пари, лажни документи и други веќе добро познати криминални активности. Откако започна целата ситуација со коронавирусот, измамнички шеми се плетат преку онлајн платформите, се злоупотребуваат брендови и имиња на познати брендови, се прават разни измамнички мрежи во кои поединците многу лесно потпаѓаат мислејќи дека измамите ним не можат да им се случат. Ништо побезбедни не се ниту правните лица, кои се чини дека се новиот начин на дејствување на криминалните организации.
Голем број такви случаи се регистрирани насекаде во светот, во европските земји, но и на нашиот континент, вклучувајќи ја и Македонија.
ЕВРОПОЛ СО НАЈНОВ ПРИМЕР ЗА РАЗБИВАЊЕ НА ИЗМАМНИЧКА МРЕЖА
Европол неодамна разоткри измамничка шема што користела компромитирачки имејл-адреси и барала плаќање однапред за наводните услуги што ги нуделе во Романија, Холандија и во Ирска.
На десетти месецов, 23 осомничени лица добиле кривични пријави како резултат на серија рации реализирани во Холандија, Романија и во Ирска. Извршени биле 34 претреси на објекти, а за криминалците се верува дека мамеле компании најмалку во 20 држави, со што противправно се стекнале со повеќе од еден милион евра.
Измамите ги реализирала организирана криминална група, која пред да започне пандемијата на коронавирусот нудела разни фиктивни производи за онлајн продажба, меѓу кои најмногу дрвени пелети за греење. По избивањето на пандемијата и нејзиното рапидно ширење низ светот, оваа криминална организација одлучила да го смени делокругот на работа, па почнала да нуди разни заштитни производи.
Групата била составена од поединци од разни африкански земји што имале престој во Европа, а работела на тој начин што креирала лажни имејл-адреси и интернет-страници слични на оние што им припаѓаат на легитимни компании со онлајн продажба. Претставувајќи се како тие компании, криминалците ги мамеле жртвите, кои најмногу биле европски и азиски компании, нудејќи им производи за кои требало да платат однапред доколу сакале да ја добијат нарачката.
Доставата на порачаните производи никогаш не се реализирала, а парите биле перени преку романски банкарски сметки контролирани од криминалците пред да бидат повлечени на банкомати.
ПРИМЕР КАКО МАКЕДОНСКА ФИРМА БИЛА ОШТЕТЕНА ОД БРИТАНСКИ КРИМИНАЛЦИ
Злоупотреба на фирми и на деловната кореспонденција помеѓу нив имаме и во земјава.
Неодамна Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за четворица државјани на Велика Британија, кои во периодот од август до декември 2020 година извршиле кривично дело компјутерска измама.
Според информациите на МВР, осомничените неколкупати извршиле неовластен упад во електронската комуникација помеѓу фирма од Радовиш и фирма од Лондон и со менување и прекривање, односно пренасочување на компјутерски податоци доставиле лажни фактури, на кои извршиле промена на сметката на која требало субјектот од Радовиш да изврши уплата.
Врз основа на вака подготвените лажни фактури, правниот субјект од Радовиш извршил четири уплати на различни сметки во банки во Велика Британија, за кои преку меѓународна правна помош е утврдено дека се сопственост на четворицата осомничени од Велика Британија.
Осомничените ја оштетиле фирмата за 15.006.000 денари.
ИЗМАМНИЧКИ ШЕМИ И ВО МАКЕДОНИЈА
Од почетокот на пандемијата во земјава беа забележани голем број измами. Многумина беа измамени со давање лични податоци за наводни вредни добивки на наградни игри, некои беа измамени и со онлајн купување, за кое пари се бараа однапред, по што купените производи никогаш не ги добија на домашна адреса.
Минатата година Министерството за внатрешни работи евидентира зачестени измами што ги пријавуваат граѓаните, кои се најмногу насочени кон повозрасните лица.
Начинот на измама бешe со телефонско јавување на измамниците кај постари лица, при што ги доведуваа во заблуда со лажно прикажување факти дека нивниот син или ќерка предизвикале сообраќајна незгода во која е прегазено дете, а сторителот, лажно претставувајќи се како сведок или службено лице, им ветуваше дека за одредена сума на пари може да помогне наводниот учесник во сообраќајната незгода да не оди во затвор. Имаше и такви случаи кога измамниците ги доведуваа во заблуда оштетените дека телефонски разговараат наводно со сопственото дете, кое со вознемирен глас им кажува да го прават тоа што се бара од нив.
Притоа, измамниците ги наведуваа оштетените за кратко време да ги обезбедат бараните парични средства, кои ќе бидат преземени од сторителите.
– Од оперативни сознанија на МВР, измамниците на ист начин функционираат и во Бугарија и во другите соседни земји – истакнаа тогаш од МВР.