Да се биде дел од најголемата филмска елита значи потврда на квалитетот и искуството што ги поседуваме, а по многу години работа тоа е и еден вид поттик да се стремиме кон повеќе и да создаваме нови уште поквалитетни дела, потенцира копродуцентот на „Вера сонува за морето“, Огнен Антов
Секој филмски работник ја посакува „Мостра“ во своето портфолио
Приказната за Вера, преведувачка на знаковен јазик, која по самоубиството на сопругот се наоѓа во ситуација самата да се бори за иднината на нејзината ќерка и внука, со традицијата и државата, а тоа никогаш не е лесно, особено во околностите во кои се наоѓа, влезе во официјална селекција на престижниот филмски фестивал од А-категорија, Меѓународниот филмски фестивал во Венеција. Филмот „Вера сонува за морето“ токму на „Мостра“ ќе ја има и својата меѓународна премиера.
– Филмот освојува со искреноста на пристапот на режисерката Калтрина, која покажа дека умее да пренесе и да ја води емоцијата на гледачот, а притоа и да наметне сопствен стил на создавањето на приказната, што беше препознаено и од селекторите на „Мостра“. Голем придонес има и професионалната посветеност на секој член од екипата на филмот – вели Стојан Вујичиќ, копродуцент на филмот од „Дрим фактори“.
Да се биде во селекцијата на Филмскиот фестивал во Венеција, кој е најстар во светот и се одржува секоја година во Венеција, е вистински престиж, не само за продукциската куќа „Дрим фактори“ туку и за Македонија, која по 21 година ќе има претставник на овој фестивал.
– „Дрим фактори“ набрзо по своето основање ѝ ја донесе на Македонија првата голема награда „Срцето на Сараево“ со документарниот филм „Шивачките“ на Билјана Гарванлиева. По неполни 15 години, по безброј фестивали како Санденс, Торонто или, пак, Бусан, Венеција дојде како шлаг на тортата. Со ова, „Дрим фактори“ се потврди како една од најдобрите и најреспектабилни продукциски куќи во Македонија, чии филмски дела се препознаени и вреднувани од целиот филмски свет, па дури и од филмската елита како Венецискиот фестивал – вели Огнен Антов, основач на „Дрим фактори“ во 2007 година.
Долгометражниот игран филм „Вера сонува за морето“ е копродукција со „Истра креатив фектори“ од Косово (продуцент Шкумбрин Истрефи) и „Пападимитри филм“ од Албанија (копродуцент Дионис Пападимитри).
– Со главниот продуцент Шкумбрин Истрефи сме пријатели многу години. Сценариото беше главниот мотив да влеземе во оваа копродукција. Заедно со сценариото се роди и можноста во филмот да бидат вклучени и многу автори од Македонија, како двата главни лика Теута Ајдини Јегени и Рефет Абази, монтажерот Владимир Павловски, дизајнерот на звук Дарко Спасовски и други. Копродукцијата со Албанија се наметна како природен процес бидејќи е природно земјите од регионот да соработуваат и да си помагаат помеѓу себе, тоа се реални и логични соработки – вели Антов.
Венеција е најстариот и еден од трите најголеми фестивали од А-категорија во Европа.
– Да се биде дел од најголемата филмска елита значи потврда на квалитетот и искуството што ги поседуваме, а по многу години работа тоа е и еден вид поттик да се стремиме кон повеќе и да создаваме нови уште поквалитетни дела – потенцира Антов.
Според Бујичиќ, „Мостра“ е фестивал што веројатно секој филмски работник би сакал да го има во своето портфолио, да се биде дел од Венецијанскиот филмски фестивал е привилегија, но и обврска за иднината.