Талибанците денеска почнаа да го освојуваат главниот град на Авганистан, порано од очекуваното. Речиси две третини од земјата е под нивна контрола.
Иако Талибанците пред неколку часа преку нивните портпароли изјавија дека одлуката за напад врз Кабул се’ уште не е донесена, според авганистанското Министерство за внатрешни работи, Талибанците „го напаѓаат главниот град на Авганистан од сите страни“.
Претходно, Талибанците ја презедоа контролата врз повеќето провинциски главни градови, вклучувајќи го и Jалалабад, град во источен Авганистан. Според Ројтерс, oвој град бил освоен без борба.
Покрај тоа, со освојувањето на Јалалабад, Талибанците ја презедоа контролата врз автопатот што води кон Пешавар во Пакистан, важен пат за Авганистан.
Државите кои беа воено ангажирани во Авганистан веќе почнаа да го евакуираат персоналот на нивните дипломатски мисии во Кабул. САД испраќаат дополнителни војници за да го обезбедат аеродромот во Кабул и амбасадата.
Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека испратил 5.000 војници и им рекол на бунтовниците дека секоја акција што ги загрозува животите на американскиот персонал ќе биде проследена со „брз и силен воен одговор“.