Поради сериозното влошување на безбедносната состојба во Авганистан, која се менува од час во час, денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, свика итен координативен состанок со надлежните раководни органи во рамките на Министерството.
Во МНР формирана е работна група за следење на состојбите, координирање на активностите поврзани со извлекувањето на нашите граѓани од Авганистан, како и континуирано информирање.
– На состанокот беа разгледани последните информации кои пристигнуваат од Авганистан, при што беше констатирано дека сѐ уште има наши граѓани кои се останати и кои се соочуваат со потешкотии да обезбедат место во комерцијалните летови за заминување од Кабул – се наведува во соопштението од ресорното министерство.
Од таму додаваат дека нашата дипломатска мрежа добила итна инструкција да стапат во контакт со министерствата од други земји, со цел координација при евентуално организирање групни хуманитарни летови за извлекување на нашите граѓаните затекнати во Авганистан.
– Министерството веќе стапи во контакт со неколку компании кои вршат активности на територијата на Авганистан, при што се добиени информации за неколку десетици наши граѓани кои се наоѓаат во Авганистан, како и за плановите на компаниите за евакуација на граѓаните кои се ангажирани преку нив – информираат од МНР.
Дополнително, воспоставена е комуникација со неколку пријателски земји кои имаат свое логистичко присуство во Кабул, со цел да се подготват и логистички можности за асистенција на нашите граѓани доколку се појави потреба за тоа.
Сите граѓани кои имаат свои роднини или пријатели во Авганистан, МНР ги повикува да се јават на дежурните телефони, со цел да ги пријават сите информации со кои располагаат.
Дежурните телефонски броеви се:
+389 75 273 732
+389 75 446 647
Останува на сила апелот да не се патува во Авганистан, а граѓаните кои се наоѓаат таму да ги искористат можностите за напуштање на земјата кои се сѐ уште активни.