Фото: Игор Бансколиев

Македонија го загуби првиот дуел од Швајцарија, со 62-67, и денеска против Словачка (19 ч.) ќе го одигра вториот натпревар во групата Ф

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Македонската машка кошаркарска репрезентација, предводена од селекторот Драган Бајиќ, со пораз го започнува претквалификацискиот турнир во Скопје (група Ф), за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година. Во СЦ „Јане Сандански“, црвено-жолтите загубија од Швајцарија, со 62-67 (17-22, 8-13, 17-14, 20-18). Скромните 62 коша, сепак, беа премалку за да се забележи победа против просечната Швајцарија. Вчера, во рамките на истата група, играа Швајцарија – Словачка, а Македонија денеска ќе се сретне со Словачка (19 ч.).
– Влеговме во натпреварот со огромен грч, поради кој останавме без енергија, а со тоа и без концентрација. Не се снајдовме добро со нивната одбрана. Имавме многу промашени зицери, 8-9 лесни поени, седум слободни фрлања, што можеби на крајот беше и пресудно. Не губиме многу со овој пораз. Треба да се анализира мечот, да се регенерираме и да се обидеме да победиме на преостанатите дуели – вели селекторот Бајиќ.
Со 16 поени (четири скока и една асистенција), Адем Мекиќ беше најпрецизен во македонскиот состав, додека кош помалку, но со 13 скока и три асистенции (дабл-дабл), доминираше Џејкоб Вајли. Кај Швајцарците прво име беше Џонатан Казади, со 19 поени, три скока и шест асистенции.
– Влеговме малку нервозно во мечот и малку конфузно во нападот. На почетокот игравме добро во одбраната, но не бевме решителни во нападот. Имавме притисок оти сме на домашен терен. Ништо не е загубено, има уште три натпревари и ќе дадеме сѐ од себе да се поправиме и да се пласираме понатаму. Мислам дека ќе биде подобро на наредните натпревари – изјави Мекиќ.
Првопласираните две селекции од турнирот во Скопје ќе бидат дел од главните квалификации за СП, во кои ќе играат вкупно 32 селекции.


Поддршка и од трибините

На денешниот дуел против Словачка ќе може да присуствува и публика на трибините, која, пак, ја немаше на првиот меч. Во согласност со добиените препораки на нашите државни и здравствени авторитети, капацитетот на салата ќе биде ограничен на 30 отсто од максималниот, односно мечот ќе може да го следат околу 2.000 навивачи, но со стриктно почитување на здравствените протоколи што важат на територијата на Македонија. Така, секој гледач ќе мора да има заштитна маска, да држи пропишано растојание помеѓу седиштата… Влезот за овој натпревар е слободен, информираат од КФМ.