Триесет и третата Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи до 20 до 22 август на повеќе
локации во село Велестово и во Охрид. Ова издание е посветено на поезијата на Ристо Лазаров, а ќе биде поставена и ликовна изложба „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“.
Манифестацијата ќе биде отворена в петок во 21 часот, во село Велестово, Охрид, со настап на гитаристот Мартин Милески од Охрид. За делото на лазаров ќе беседи проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите ќе ги интерпретира актерот Јован Цветкоски. Водител на програмата ќе биде Марина Димовска.
Потоа, во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово, истата вечер, на 20 август од 22 часот ќе биде отворена и изложбата „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“ на академските уметници Славко Упевче и Никола Упевче од Охрид. Изложба со која се прославува 30-годишнината од отворањето на нивното ателје во Охрид.
Специјални гости на настанот ќе бидат семинаристите што ќе учествуваат на годинешната 54. летна школа на Mеѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура.
На 21 август од 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање на кое со видеопроекција ќе се претстават Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, а се надеваме дека ситуацијата со ковид нема да го попречи присуството на Надија Реброња од Србија и на македонскиот поет Андреј Ал-Асади.
Планирано е и трето поетско читање, настанот „Поезија Залез“ што годинава би требало да се одржи на кајчиња во Охридското Езеро, но доколку временските прилики или други околности не дозволуваат, читањето ќе се одржи на алтернативна локација во селото Велестово. За овој настан планиран е настапот на Надија Реброња (Србија) како и на домашните поети: Долорес Атанасова ‒ Лори, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади.
Настаните ќе бидат организирани согласно протоколите и препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од ковид-19, со намален број на посетители и на отворено. Со тоа ќе заврши програмата на 33-та Поетска ноќ во Велестово. И годинава манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, Општина Охрид и Комерцијална Банка.