Живеејќи низ изминатите неколку децении, имаме достапна видео-библиотека од историските кошмари. Атентатите на Џон Ф. Кенеди, Мартин Лутер Кинг и на Роберт Ф. Кенеди. Уривањето на кулите близначки. Коленото на Дерек Шовен врз вратот на Џорџ Флојд. Упадот во зградата на американскиот Конгрес. Тие глетки се достапни во секој момент и не прогонуваат. А последна во оваа колекција е видеоснимката од пред неколку дена, покажувајќи го пловењето на туристички брод наспроти беснеењето на пожарите во Евија, пишува писателката Франсин Проуз во нејзината колумна за „Гардијан“ насловена Да го снимаше Данте „Пеколот“ на неговиот ајфон, тој ќе изгледаше вака“.
Вториот најголем грчки остров Евија гори веќе една недела. Тој е, или беше, природен рај од шуми, планини и бистра вода, популарен меѓу туристите. Летово, пожарите избија во предградие на Атина, на Пелопонез, во Турција, јужна Италија, во Црна Гора и во Сибир. Некои велат дека станува збор и за подметнати пожари. Во Македонија имаше апсења. Но ниту највештите пиромани не би можеле да ги подготват долгата суша и екстремно топлото време што ги поттикна жестокоста и брзината на уништувањето. Како и да почнаа пожарите, јасно е дека климатската криза беше катализатор.
– За жал, потребно е нешто невообичаено за да се издвои од постојаните докази од штетата предизвикана од глобалното загревање. Ако снимката од Евија изгледа необична, тоа е поради начинот на кој ја прикажува ситуацијата, поради нејзината чудност. Видеото имаше речиси два милиона прегледа, а фразата „филм за кастастрофа“ се повторува во коментарите. Тоа веројатно е првото нешто на кое би помислиле – вистинската смрт и уништување се во рамка на ноќното небо и бродот кои прават глетката да изгледа како високобуџентна холивудска продукција, налик на оние од филмовите за катастрофални настани од 80-те или 90-те години од минатиот век. Снимката од бродот во близина на Евија делува како уметност – надреалистичен краток филм од сон преточен на филмското платно. Но, ако не е замислена, таа е вистинска, а огновите во Калифорнија и западот на Америка горат додека го пишувам ова. Снимката од бродот е визија за пеколот. Тоа е како Данте да го снимил „Пеколот на неговиот ајфон – пишува Проуз, додавајќи дека необичноста е зголемена од начинот на кој патниците го снимаат островот кој гори.
Вака изгледа климатската апокалипса од палубата на туристички брод. Тоа е визија која мораме да ја видиме, потсетување дека веќе не можеме да ја одложуваме напорната работа за спречување на нашата планета да стане пекол. Времето истече, потребно е да се разбудиме. Треба да кажеме дека нешто мора да се преземе, заклучува авторката.