Македонската репрезентација освои вкупно 10 медали, со злато поединечно се закити Анастасија Качаниклиќ, а сензационален резултат македонските џудисти остварија во дисциплината микс-екипно, каде што беше освоено сребро
Македонската сениорска репрезентација во џудо, предводена од селекторот Александар Ѓорѓиоски, и екипно и поединечно постигна одличен резултати на Балканското првенство (БП) што викендов се одржа во спортската сала „Јасмин“ во Kавадарци.
Во конкуренција на седум земји (Македонија, Црна Гора, БиХ, Бугарија, Грција, Албанија и Косово), Македонија освои вкупно 10 одличја, од кои едно златно, пет сребрени и четири бронзени.
Сензационален резултат македонските џудисти на Балканијадата остварија во дисциплината микс-екипно (заедно мажи и жени), каде што го освоија сребрениот медал, откако ја совладаа Албанија со 5-1, а во борбата за златото загубија од БиХ со 2-4.
Во поединечна конкуренција со златен медал се закити Анастасија Качаниклиќ во категоријата до 70 кг, која настапи и во категоријата до 78 кг, освојувајќи го сребрениот медал. Со сребро кај жените се закитија уште Берна Шерифовска (категорија до 57 кг) и Александра Најдоска (над 78 кг), додека бронза освои Благица Колева (до 78 кг).
Кај мажите сребро освои Дарко Велкоски (до 60 кг), а бронзи Давор Велкоски (до 60 кг), Марко Тошески (до 73 кг) и Семир Авдиќ (до 100 кг). Беа освоени уште две петти и пет седми места.