Грчките пожарникари даваат се од себе за да го локализираат огромниот пожар во северните предградија на Атина, пред ветерот повторно да засили, пренесуваат агенциите.
– Владее кошмар во предградијата. Главниот приоритет е да се спасат животите на луѓето – рече премиерот Киријакос Мицотакис по обиколката на погодената област.
Хеликоптери и авиони се вклучени во гаснењето на пожарот од рана зора. Ветрот е ослабен и противпожарните бригади се обидуваат да го искористат тоа затишје.
– Се надеваме дека ќе го ставиме под контрола пожарот пред ветерот повторно да задува – изјави началникот на противпожарната бригада за државната телевизија.
Засега нема информации за жртви, а неколку населени места беа евакуирани претходниот ден.
Поради густиот чад, утрово во Атина била намалена видливоста, а воздухот мирисал на изгорено. Пепел паѓа врз куќите и од жителите се бара да не ги напуштаат домовите одосно да ги затворат прозорците.
Пожари избија и на островите Евбоја, Кос и Родос и на полуостровот Пелопонез.
До вторникот вечерта регистрирани биле 40 активни пожари во Грција.