Дури шест закони опишуваат што сѐ е забрането во природата, околу 35 активности: дивоградби, нелегално депонирање отпад, ловокрадство, нелегална сеча. Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, појаснува дека во заштитените подрачја се издвоени зони со различен степен на заштита: зона на строга заштита, активно управување и одржливо користење.
Инспекторите и ренџерите од заштитените подрачја се грижат да се спречи палење оган, што е забрането на целата територија на заштитените подрачја. Се контролира собирањето растителни видови што не се заштитени и што е дозволено само во зоните за одржливо користење, а забрането е во зоните за строга заштита и активно управување. Ловот и риболовот се забранети на целата територија. Дозволено е движење со моторни возила, но пожелно е граѓаните да пешачат или да возат велосипед – вели Петровска.
Определбата на забранети и дозволени активности постои за да се зачува природата и да се насочат граѓаните кон паметно користење на природата.
– Светскиот ден за заштита на природата е уште еден потсетник дека ресурсите со кои располагаме се наше богатство. Природата ни дава голема корист: вода, почва, дрва, храна, па и задоволство, одмор и рекреација. За жал, со некои од овие ресурси располагаме во ограничени количества – вели Анела Ставревска-Панајотова од здружението „Натура МК“.
Македонија во однос на заштитата на природата е членка на УНЕСКО од 1993 година, а под заштита на организацијата се Охрид и регионот. Првото заштитено подрачје е прогласено во 1948 година, а тоа е националниот парк Пелистер. Во земјава има 81 заштитено подрачје, од кои како позначајни се национални паркови: Галичица, Маврово, Пелистер и Шар Планина како најнов, a најбројни се спомениците на природата, дури 61, меѓу кои се и Вевчанските Извори.