ОХРИД

Во Општина Охрид неодамна беше одржана јавна расправа во врска со анализата за оправданост за долгорочно задолжување на Општината. Како што велат од општината, тоа се прави со цел да се намали долгот и да се врати финансиската стабилност.
На расправата се дискутираше за придобивките и ризиците од ваквиот начин на раздолжување, кои беа дадени во анализата за оправданост и за сите детали од досегашниот процес на раздолжување, врз основа на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Раздолжувањето на Општината беше еден од најважните приоритети на кои бевме исклучително посветени во текот на изминатите две години и, благодарение на поддршката и помошта од Владата, долгот на Општината е намален за повеќе од една милијарда денари. Во 2017 година, долгот на Општина Охрид изнесуваше 1.573.036.905 денари, а во моментот вкупниот долг изнесува околу 470.000.000 денари. Продолжуваме со процесот на раздолжување во согласност со сите финансиски препораки и релевантни експертски анализи и се надевам дека ќе успееме да оствариме евидентен успех. Тоа ќе биде една добра основа за развој и напредок на општината на сите полиња – потенцира градоначалникот Константин Георгиески во своето излагање пред присутните.
Претходно, во согласност со законската регулатива, анализата за оправданост за долгорочно задолжување на Општината беше јавно објавена, со цел граѓаните да бидат информирани и да може да се вклучат со искажување свои ставови, мислења и предлози за издржливоста на одлуката за раздолжување, по пат на кредитно задолжување од деловна банка.