Со проектот за подобрување на социјалните услуги, 300 негуватели ќе пружаат нега на 900 стари лица над 65 години во нивните домови.
Од Министерството за труд и социјална политика наведуваат дека со оваа социјална реформа се предвидува реализација на социјалните услуги како што е помош и нега во домот на стари лица и пружање на услуги во Дневен центар за лица со попреченост. Децата со со попреченост во Дневните центри ќе добиваат групна, индивидуална и окупациска терапија. Покрај работата со лицата со попреченост предвидено е и советување и работилници и со родителите со цел тие полесно да се справуваат со своите деца во домашни услови.
– Социјалната реформа е една од клучните во системот на социјална заштита чија стратешка цел е да обезбеди темелни промени во зајакнување на човечкиот капитал, намалување на сиромаштијата и подигнување на квалитетот на живот во државата. Оваа реформа дава и конкретни резултати, обезбедува нови социјални услуги за корисниците и креира нови работни места, меѓу кои и за оние граѓани од ранливи категории – велат од Министерството.
Како дел од проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска банка социјалните услуги ги спуштаме на локално ниво, со цел нивна достапност и до најоддалечените места на живеење.
Преку проектот досега се склучени 19 договори за грант во кои се вклучени проекти во 24 општини.