ОХРИД

Градоначалникот Константин Георгиески, заедно со премиерот Зоран Заев, неодамна направи увид на дел од охридското крајбрежје, каде што беа отстранети бесправните објекти, по што беа извршени уредување и подготовка на плажите во пресрет на туристичката сезона. Досегашните активности на крајбрежјето се во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО.
– Точно пред еден месец, на први јуни на истата оваа локација одржав прес-конференција на која ја информирав јавноста за реализираните активности за отстранување на бесправните градби од крајбрежјето. Тогаш буквално бевме на половина пат од поставената цел, но преку интензивна работа на терен, само за триесет дена, истата оваа локација изгледа уредено и привлечно место за одмор и релаксација. Се потрудивме во рамките на нашите можности да ги уредиме плажите, кои оваа година првпат по долги години ќе се користат слободно од сите граѓани и туристи што ќе летуваат покрај нашето преубаво Охридско Езеро.

Извршено е посипување со автохтон песок, се спроведоа активности за чистење на дивата вегетација и ситниот градежен отпад. Се изврши засадување нови садници дрвја, се поставија нови контејнери, канти за отпад и привремени тоалети. Деновиве се поставуваат монтажни соблекувални и фонтани за вода, а ќе бидат поставени и клупи за седење. Направен е план и за секојдневно одржување и чистење на плажите во текот на сезоната од страна на комуналните екипи. Оваа можност ја користам да упатам и еден апел до јавноста за повисока еколошка свест за одржување чиста животна средина – истакна градоначалникот Георгиески.
Тој објасни дека активностите за отстранување на бесправните објекти се одвиваат последователно и во моментот се работи на плажите во градската зона на потегот од каналот Студенчишта до месноста Парк и на потегот кај месноста Далјан, каде што се врши отстранување на платформите што се поставени во вода.