Станува збор за третата најголема меѓународна изложба на современа уметност во Германија, која континуирано се одржува од 2007 година, а од 2017 година – биеналето. Изложбите ги презентираат и афирмираат маргинализираните урбани простори или локации чиј статус е нејасен, а нивниот опстанок загрозен
Македонската уметница Елена Чемерска е претставничка на Македонија на Биеналето на современи уметности во Дрезден, кое го курира Наташа Бодржиќ од Хрватска. Биеналето почна на 1 јули и ќе трае до 3 октомври на темата „Промена на здивот“, во културниот простор „Роботрон кантина“ и уште на неколку локации во Дрезден, а е во продукција на „Острале“ – центарот за современа уметност од Дрезден. Станува збор за третата најголема меѓународна изложба на современата уметност во Германија, која континуирано се одржува од 2007 година, а од 2017 година – биеналето. Изложбите ги презентираат и афирмираат маргинализираните урбани простори или локации чиј статус е нејасен, а нивниот опстанок загрозен.
Елена Чемерска (1991) е визуелнa уметница и истражувачка. Таа се интересира за врската помеѓу сеќавањето и начинот на кој човекот ја создава основата на која ја темели иднината, и тоа како се обидуваме да ја разбереме и фиксираме историјата во нејзината слика. Му приоѓа на човечкото искуство низ призмата на она што Паоло Вирно го дефинира како врската помеѓу меморијата – трага длабоко втисната во нашето искусување на сегашноста, и иднината – хоризонт на можност. Нејзината работа се материјализира првенствено низ сликарство, цртеж, видеo.
Таа е магистерка по уметност на Школата за арт и дизајн во Сертогенбош, Холандија. Имала повеќе изложби и проекти во Македонија и во Холандија. Моментално живее и работи на релацијата Скопје – Берлин.
Првпат, Биеналето во Дрезден ќе се одржи во центарот на Дрезден, во работничката менза на поранешната фабрика „Роботрон“, поранешен најголем источногермански производител на електронска опрема. Зградата се смета за еден од најважните примери на модерната источногерманска архитектура (т.н. остмодерна) и е симбол на систематската борба на активистичката и културната сцена за зачувување на запоставеното архитектонско наследство на Дрезден во втората половина на 20 век.
Програмите за Биеналето се одржуваат и на повеќе други локации, во соработка со голем број партнерски организации и институции, како што е Меморијалниот центар во поранешното Министерство за државна безбедност на ГДР или Централниот комплекс на градски водоводи во Дрезден.
Темата на Биеналето годинава беше дефинирана преку комплексен повеќемесечен дијалог помеѓу куратори и локални партнери и комплексен процес на избор на дела доставени преку конкурси, честопати од позиција на пандемската изолација. Итноста на локалниот контекст одигра значајна улога. На меѓународниот отворен повик, кој се занимава со темите на растот и разни еколошки прашања, стигнаа повеќе од илјада апликации од целиот свет.
„Промена на здивот“ е темата и насловот на централната изложба на годинашното биенале, а се однесува на антологиската збирка поезија на Пол Селан од 1967 година, но артикулирајќи свое поле на интерпретација. Изложбата ги истражува (радикалните) форми на соживот, гледајќи на начинот на кој дишеме заедно, како луѓе, со другите видови организми на земјата.
Помеѓу дезориентација и преориентација, како резултат на глобалниот пандемиски шок, Биеналето е можност да размислиме заедно и да бараме нова насока, истовремено посочувајќи ги постојните социјални конфликти, отстапувања, ограничувања и ќор-сокаци.
Оваа година во Дрезден учествуваат повеќе од 140 уметници од 34 земји: Германија, Литванија, Хрватска, Унгарија, Шведска, Србија, Турција, Индија, Македонија, Сингапур, Италија, Франција, Того, Холандија, Русија, САД, Полска, Австрија, Кина, Украина, Словенија, Молдавија, Чешка, Бугарија, Финска, Бангладеш, Луксембург, Азербејџан, Перу, Косово, Ирска, Норвешка, Швајцарија, Велика Британија. Биеналето „ОстралеO21“ е дел од проектот „Флоуинг конектс“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.