Атина – Заменик-лидерот на грчката десничарска екстремистичка партија Златна зора, осуден на 13-годишна затворска казна, беше уапсен по повеќемесечно бегство. Полицијата му влегла во трага на Христос Папaс во Атина. Истражителите на грчката полиција беа во можност да го уапсат Христос Папас, вториот човек на озлогласената десничарска екстремистичка и расистичка партија, кој беше во бегство од октомври 2020 година, во стан во Атина, јави грчката државна телевизија ЕРТ, повикувајќи се на полициски извори. Уапсена е и 52-годишна жена, за која се тврди дека му дала засолниште.
Папас избегна апсење во октомври, по пресудите за десетици члена на партијата. („Дојче веле“)

Тирана – Албанското обвинителство отворило истрага против двајца руски и петмина чешки државјани за шпионажа на воените вежби на НАТО.
Поведена е истрага против руските државјани Георги Буданов и Владислав Черкасов, кои биле во Албанија за време на воените вежби на НАТО во мај-јуни. Според албанската полиција, тие собирале тајни информации.
Чесите, наводно, им го привлекле вниманието на албанските власти откако со изнајмено возило ја обиколиле областа околу воените бази. Исто така, постои сомневање дека тие фотографирале војници на НАТО што учествуваат во вежбите. („Албаниан дејли њуз“)

Подгорица – Во Црна Гора сите пензионери што ќе се вакцинираат против коронавирус во јули, ќе добијат ваучер за туризам од 50 евра. Министерството за здравство, исто така, информира дека вработените во државните институции ќе добијат слободен ден по вакцинирањето. Сите граѓани на Црна Гора, пак, кои биле вакцинирани со вакцината на „Синофарм“ или „Спутник V“, заради патување во странство, а доколку одредена земја го бара тоа, ќе добијат бесплатно тестирање во Институтот за јавно здравје. (РТЦГ)


Бисер балкански

Најдолго чекање за работа!

Очекуваниот работен век во Хрватска според можностите на вработување во земјата е на дното од листата на државите-членки во Европската Унија. Доколку живеат во Хрватска, сегашните девојки на возраст на 15 години во својот работен век можат да соберат најмногу 30 години и три месеци работен стаж. Нивните врсници од машки пол ќе направат 35 години работен стаж.
Доколку сегашните девојки студираат до 25 години, тие во Хрватска ќе бидат без работа десет години, а оние што нема да студираат на работа ќе чекаат 16 години. Факултетско образованите мажи без работа ќе бидат пет години, а тие со средно образование ќе имаат празнина во работниот стаж 11 години. Според сите податоци за очекуваниот работен век, Хрватска е на крајот на листата со Италија, пишува „Вечерњи лист“.