Канбера – Над 10 милиони Австралијци добија наредба да останат дома поради ширењето на коронавирусот, а Бризбејн стана четвртиот поголем град во кој е наредено тридневно затворање, откако претходните денови ограничувања беа воведени во Сиднеј, Перт и во Дарвин. Австралија во голема мерка успеа да го елиминира локалното пренесување на вирусот преку комбинација на затворање на границитe. Земјата сега се соочува со ширење на делта-вирусот, кој првпат се појави во Индија, а јавноста е незадоволна од бавното темпо на вакцинација.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот со кој се криминализира учеството во активности на странски невладини организации признаени како „непожелни“ во Русија. Путин го потпиша законот, пет дена откако го одобри Горниот дом на парламентот. Според законот, руските граѓани може да се соочат со затворска казна од шест години доколку бидат прогласени за виновни за организирање операции на „непожелни“ меѓународни организации на руска територија.
Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден на средбата со израелскиот претседател во заминување Реувен Ривлин во Белата куќа изјави дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје. Средбата со Ривлин, кој треба да ја напушти главно церемонијалната функција на 7 јули по седумгодишен мандат, се одржа откако Нафтали Бенет на почетокот на овој месец стана нов премиер на Израел, на местото на Бенјамин Нетанјаху.
Тел Авив – Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид ќе ги посети Обединетите Арапски Емирати, во првата официјална министерска посета откако двете нации се согласија да ги нормализираат врските, соопшти во понеделникот неговиот кабинет. Израел и ОАЕ, заедно со Бахреин, ги нормализираа врските во септември, а еврејската држава исто така во минатата година се согласи да ги нормализира односите со уште две арапски нации, Мароко и Судан.