Од двајцата македонски пливачи, Евгениј Поп Ацев заврши на седмата позиција, а Александар Илиевски беше 11-ти во конкуренција на 18 натпреварувачи
Италијанските пливачи Франческо Џетини во машка и Барбара Позопон во женска конкуренција, триумфираа на 32-то по ред издание на Охридскиот пливачки маратон, кое се одржа изминатава саботата со награден фонд од 15.000 американски долари. За доминацијата на Италијанците најдобро говори и податокот што дури пет од првите шест натпреварувачи беа токму од оваа држава. Годинава маратонот на патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до охридското пристаниште првпат во неговата досегашна историја се пливаше во должина од 25, а не како досега на 30 км.
Во мошне возбудливиот финиш, во кој дури осуммина се впуштија први да ја минат целта, победникот кај мажите патеката ја исплива за 5:13.59,62 часа, второпласираниот, Едуардо Стокино за 5:14.10,72 часа, а третопласираниот Андреа Бјанки и двајцата од Италија, за 5:14.11,69 часа. Второто место кај мартонките, пак, го освои Унгарката Ана Олас, а трета заврши Италијанката Аличе Франко, која лани во Охрид беше второпласирана. Од двајцата македонските пливачи Евгениј Поп Ацев заврши на седмата позиција, додека Александар Илиевски беше 11-ти во конкуренција на 18 натпреварувачи. Најавите за неизвесна и возбудлива трка на „Охридскиот пливачки маратон“ се остварија, откако речиси сите 30 учесници пливаат во група кај Градиште.
– За време на трката, која беше тешка, не се чувствував најдобро, но сепак се надевав дека до крајот ќе успеам да стигнам до водечката група и во финишот да го дадам мојот максимум. Имав добра позиција при крајот, но во последните педесетина метри, сепак немав доволно сили иако не бев многу далеку од првиот. Мене ми лежат повеќе долги трки, но сепак нема голема разлика помеѓу 25 и 30 км – вели Поп Ацев.
На целта, покрај публиката, маратонците ги пречекаа претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој пехарот, лавровиот венец и медалите им ги предаде на најдобрите, како и претседателот на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) Александар Маленко. ПФМ го скрати маратонот годинава за пет км со единствена цел, Охрид да влезе во европската, светска и олимписка листа на маратони на Светската пливачка федерација (ФИНА).
– ПФМ ги следи сите правила и официјални дисциплини на ФИНА за кои можеме да зборуваме на европско, светско и на олимписко ниво. Без трка на 25 км, ние не можеме да сметаме на доаѓање на светската пливачка елита или организирање светски настан од вакви размери кај нас – дециден е претседателот на ПФМ, Александар Маленко. Со оглед на тоа што ова беше трет и последен маратон од серијата ултрамаратони на ФИНА, во генералниот пласман Стокино ја заврши сезоната прв, а кај дамите Позопон ја освои првата позиција. Сепак, поради лошите временски услови во последниот дел од трката, не беше постигнато време под пет часа.
Најдоброто време на „Охридскиот маратон“ (30 км), е во сопственост на Французинот Рејмон Аксел (5.09,54 часа) остварено во 2013 година. Најмногу победи, пак, на пливачкиот маратон во Охрид има забележено Бугаринот Петар Стојчев (11), додека по еднаш триумфирале и истакнатите македонски пливачи Евгениј Поп Ацев (2015) и Томи Стефановски (2016).