Да, можеби, во моментов, на прв поглед, ЕУ е подобро решение, но сигурно не е единствено. Токму таа понизна трка, наместо кон ЕУ, всушност, води кон бездна и засенува еден друг момент што е многу поважен. Сервилноста на нашите властодршци спрема моментално помоќните не само што е застрашувачка туку е и непродуктивна

Во денешнава колумна ќе се обидам да ги поврзам четирите теми што се јавуваат во насловот на колумната во една целина, што можеби ќе потсети на салатата „Македонија“ (на француски macédoine), поим што првпат се среќава во 1740 г., со значење мешавина од различни овошја, сечкани на ситни парченца.

Темите се само навидум неповрзани, но, како што ќе предочам во текстот, тие, всушност, се од круцијално значење за иднината на Македонија.
Се прашував како да ги најдам вистинските зборови за овој вовед и се решив на непогрешливиот извор – Аристотел, според кого, доблестите се добри навики што ги регулираат нашите емоции. Така, на пример, како одговор на природното чувство на страв, треба да се развие храброст, што е доблест. Анализирајќи единаесет специфични доблести, Аристотел тврди дека повеќето доблести спаѓаат во средина помеѓу екстремните црти на карактерот. Според тоа, со недоволна храброст се развива кукавичлукот, што е порок. Меѓутоа, премногу храброст, преминува во невнимателност, неразумност, безгрижност за можните последици од однесувањето, што, повторно, е порок.

Религија и морал

Религијата и моралот се тесно испреплетени и меѓусебно поврзани, што може едноставно да се констатира преку анализа на сите (поголеми) религии. Сега, накратко ќе се задржам на еден дел од творештвото на еден исклучителен филозоф – Фридрих Ниче. Неговите идеи се често шокантни, понекогаш погрешни и секогаш предизвикуваат размислување.

Книгата „Генеалогијата на моралот“ (1887), за многумина ремек-дело, се состои од предговор и три меѓусебно поврзани трактати. Првиот трактат ја испитува „психологијата на христијанството“ и го следи раѓањето на христијанството не од „духот“ сам по себе, туку од одреден вид дух, имено, од ресентиментот. Ниче демонстрира дека двата пара спротивности „добро и зло“ и „добро и лошо“ имаат различно потекло и дека самиот збор „добро“ има две спротивставени значења. Во првата дихотомија, „доброто“ е синоним за благородништво и на сè што е моќно и го потврдува живот. За разлика од тоа, во спротивноста „добро и зло“, значењето на „добро“ е поставено како антитеза на оригиналното аристократско „добро“, кое се именува како „зло“. Оваа инверзија на вредностите се развива од незадоволството што го чувствуваат слабите кон моќните. Покрај тоа, во првиот трактат, Ниче тврди дека постојат два фундаментални типа на морал: „морал на господарот“ и „морал на робот“ (на германски: Herren- und Sklavenmoral). Моралот на господарот ги вклучува гордоста, храброста и моќта, додека моралот на робот ги поддржува љубезноста, емпатијата и сочувството. Ниче го завршува својот прв трактат, поставувајќи ја хипотезата за огромната историска борба помеѓу дуализмот „добро и лошо“ и дихотомијата „добро и зло“, при што последната спротивставеност на крајот остварува победа, привремено прекината од ренесансата, но потоа конечно потврдена со Француската револуција, кога триумфираат „ресентиментните инстинкти на толпата“.

Ниче го разгледува контрастот на оние што имаат моќ и на оние на кои им недостига, а притоа не ги спротивставува поединците, туку групите луѓе. Поради тоа, разликата има тенденција да стане социолошка, бидејќи се разгледуваат последиците од угнетувањето. И покрај полемичкиот тон, од безмилосно острата и детална критика/анализа на моралот на робот, ништо не упатува дека Ниче се идентификува со позицијата на господарите. Неговата сопствена етика не е ниту таа на господарот ниту на робот.

Интелектуалци

Терминот интелектуалци означува статусна класа на луѓе, организирани или по идеологија или по националност, која се појавува во Царска Русија (околу 1860 – 1870). Со други зборови, тоа е социјален слој граѓани обединети околу идеите на просветителството, а кои се појавија во руското општество како противтежа на сличните слоеви во Германија и во Франција, познати како просветителска буржоазија.

Интелектуалците и пошироко интелектуализмот се предмет на истражување од многу истражувачи: филозофи, социолози, историчари. Во теоретскиот дискурс за интелектуалците, честопати, во меланхоличен дух со нескриена тага и жалење, се опишуваат нивниот пад, предавство, па дури и нивното исчезнување. Различните анализи на интелектуалците главно вклучуваат три прашања: кој може да биде интелектуалец, што претставува интелектуален живот и како се реализира интелектуалната активност.

Од мноштвото дефиниции на интелектуалците, би ја издвоил дефиницијата на Конфино (Michael Confino, 1926-2010). Тој во трудот со наслов „За интелектуалците и интелектуалните традиции во Русија од осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век“, ги опиша карактеристиките на Руските интелектуалци преку следните пет особини: „(1) длабока грижа за проблемите и прашањата од јавен интерес – социјални, економски, културни и политички; (2) чувство на вина и лична одговорност за државата и решавање на овие проблеми; (3) склоност да се гледаат политички и социјални прашања како морални прашања; (4) чувство на обврска да се бараат крајно логички заклучоци – во мислењето и во животот – по која било цена; (5) убедување дека работите не се такви какви што треба да бидат и дека треба да се стори нешто.“

Тука, исто така, би сакал да истакнам неколку клучни прашања што сѐ повеќе, веројатно од објективни причини, се наметнуваат меѓу членовите на академската заедница во една земја, па дури и меѓу граѓаните. Дали тие се (или треба да бидат) интелектуалци? Во што се состои нивниот интелектуален живот? И кое е полето на нивното интелектуално дејствување? На крајот од овој дел сметам дека е корисно да ја издвојам категоризацијата на интелектуалци според Фуко, кој прави разлика помеѓу „специфичен“ интелектуалец, односно оној што работи во специфични домени на науката, уметноста и политиката, и „универзален“ интелектуалец, или прототип на сеопфатен и универзален мислител.

Властодршци

Откако посветив голем дел од колумнава на теоретски искази тематски поврзани со неа, можам да се фокусирам на клучното прашање. Како дејствуваат македонските властодршци? По мое мислење, од една страна, во поведението на повеќето македонски властодршци спрема посилните и помоќните, но не само кон нив, има елементи на тоа што Ниче го нарекува морал на робот, но, со таа разлика, што особеностите преминуваат во екстремни карактеристики – пороци. Имено, односот на нашите политичари се карактеризира со кукавичлук и недостоинственост.

Таков, за жал, е односот и на дел од македонските интелектуалци спрема властодршците. Од друга страна, односот на дел од македонските властодршци спрема граѓаните на Македонија примарно содржи елементи на пороци на господарот, имено, ароганција, неразумност, бескрупулозност, безобѕирност, алчност. Денес, геополитичкиот поредок е мултиполарен и се обликува, главно, од меѓусебните односи на трите суперсили (наведени по азбучен редослед) Кина, Русија и САД. Според тоа, синтагмата „ЕУ е единствено решение“ (а со тоа, во моментов, и САД е единствено решение) е бесмислена.

Да, можеби, во моментов, на прв поглед, ЕУ е подобро решение, но сигурно не е единствено. Токму таа понизна трка, наместо кон ЕУ, всушност, води кон бездна и засенува еден друг момент што е многу поважен. Сервилноста на нашите властодршци спрема моментално помоќните не само што е застрашувачка туку е и непродуктивна.
Потцртувам, достоинството се цени многу повеќе. И еднаш и засекогаш треба да се знае дека не треба да бидеме слуги, никогаш и никому. Оти односот на моќните спрема недостојните и сервилните е однос спрема слугите, а тие, моќните, се однесуваат спрема слугите „како што мајмунот држи орев во аголот на својата вилица; тој најнапред го зема во уста за да го чува, но најпосле го проголтува“ (Шекспир).

На крајот, би сакал да укажам дека петте особини на руските интелектуалци од осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век, за коишто пишував погоре, можеби се најдобро отелотворени во ликот и делото на Лав Николаевич Толстој, писател, филозоф и социјален активист, кој имал големо влијание во развојот на христијанскиот анархизам и ненасилниот отпор, идеи преточени во активностите на Махатма Ганди и Мартин Лутер Кинг.

Апатијата што постои меѓу граѓаните во Македонија сѐ повеќе придонесува да заборавиме да сонуваме. Оти, „Немаше одговор, освен оној општ одговор што животот ни го дава на сите најтешки и нерешливи прашања. Одговорот е: мора да се живее со дневните потреби, односно да се заборави на себе. Повеќе не е можно да се заборави во сон…, затоа, мора да се заборави сонот за живот“ (Ана Каренина). Сѐ ќе беше поинаку, а Македонија ќе беше подобро општество и ќе имаше просперитетна иднина, ако барем дел од интелектуалците и властодршците ги поседуваа петте особини. Но штом нештата се такви какви што се, можеби е време за ненасилен отпор.