Фудбалскиот клуб Челзи ги демантираше информациите објавени во весникот „Сандеј тајмс“, дека рускиот милијардер Роман Абрамович планира да го продаде лондонскиот клуб.
Британскиот весник објави дека раководството на клубот, кое го води во име на Абрамович, веќе ангажирало советници, кои ќе направат проценка и подготовка за продажба.
Според весникот Абрамович наводно ја одбил понудата на американската компанија „Силвер лејк партнерс“, која сакала да купи малцински удел во клубот.
Пред два месеца, исто така, се појави вест дека најбогатиот човек во Бртитанија, сер Џим Ретклиф, се обидел да го купи Челзи за две милијарди фунти, но дека и неговата понуда била одбиена.
Претходно, клубот објави дека плановите за реновирање на стадионот „Стенфорд бриџ“ се одложени на неопределен рок, што во јавноста беше протолкувано како подготовка за евентуална продажба.
Меѓутоа, извори блиски до Абрамович тврдат дека тој воопшто не планира да го продава клубот.
Рускиот милијардер го купи Челзи во 2003 година.