Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Женева ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и тоа ќе биде нивна прва официјална средба како двајца претседатели пишуваат светските агенции. Во нивните анализи тие додаваат дека ова е и прва средба откако Бајден го нарече рускиот колега убиец, а Путин му рече да се погледне во огледало.
Последен пат Путин и Бајден се сретнаа пред 10 години, кога Бајден беше потпретседател на САД.
Во анализите се споменува дека ова не е прва средба меѓу руски и американски претседател во Женева, бидејќи пред нив таму се сретнаа Роналд Реган и неговиот руски колега Михаил Горбачов во 1985 година.
Деталите за самитот во Женева беа договорени на состанокот на американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан и неговиот руски колега Николај Петрушев.
Двајцата лидери ќе разговараат за билатералните врски, проблемите поврзани со стратешката нуклеарна стабилност, наводното руско мешање во изборите, хакерството и други прашања, вклучително и соработката во борбата против ковид-19 и регионалните конфликти.
За разлика од неговите четворица претходници во Белата куќа, кои се обидоа да создадат добри врски со Путин, Бајден јасно стави до знаење дека градењето лични врски може да има свои граници, пренесуваат американските медиуми.
Мајкл МекФол, поранешен амбасадор на САД во Русија, кој беше со Бајден на состанокот со Путин во 2011 година, во едно интервју изјави дека Бајден може да има подлабок скептицизам и можеби поинформиран пристап кон Путин од кој било друг претходник на Белата куќа.
Од друга страна, претседателот на Русија во петокот изјави дека се надева дека Бајден ќе биде помалку импулсивен од неговиот претходник.
Руската страна ја оцени состојбата во односите меѓу двете земји како критична, додавајќи дека состанокот треба да им помогне да постигнат разбирање за некои прашања.
Инаку светските медиуми откриваат детали за состанокот меѓу двајцата претседатели. Според извештаите, Бајден и Путин ќе ги чуваат илјадници полицајци, ќе разговараат пет часа, но без храна.
Може да има големи прашања за дискусија, но опкружувањето во кое ќе се наоѓаат американскиот и рускиот претседател во прекрасната вила од 18 век со поглед на Женевското езеро ќе биде раскошна и мирна, пишуваат медиумите.
Според предвидувањата, првата средба меѓу Џо Бајден на претседателска функција и неговиот руски колега Владимир Путин може да трае четири до пет часа или повеќе.
Нема да има оброци, а рускиот и американскиот претседател ќе одржат одделни прес-конференции, што е знак на затегнати односи, анализираат известувачите.
„Без кршење леб“, им рече на новинарите висок американски функционер додека Бајден одлета во Женева на разговори што треба да започнат околу 13 часот во Вилата Ла Гранџ, елегантна сива палата опкружена со парк од 30 хектари.
Путин пристигнува прв, а тој и Бајден прво ќе се сретнат со швајцарскиот претседател. Потоа, рускиот и американскиот претседател ќе разговараат во библиотеката каде се чуваат стари книги на кинески, француски, персиски и турски јазик.
Државниот секретар Антони Блинкен доаѓа на средбата со Бајден, а министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров доаѓа со Путин.