Зоран Заев (десно) вчера се сретна со Румен Радев

Премиерот Зоран Заев не е оптимист дека би можел да се постигне договор со официјална Софија во пресрет на самитот на ЕУ наредната недела, со што ситуацијата во однос на ова прашање се очекува да биде појасна в четврток кога е планираната посета на Заев на Бугарија. Заев ја нагласи и важноста на вчерашната средба со бугарскиот претседател Румен Радев, на самитот на НАТО во Брисел.

– Имам чувство дека проблемот со Бугарија нема да се реши на 22 јуни, но не е невозможно да се реши. Причина за ова е што Бугарија има техничка Влада и технички премиер, и јас не сакам да ги дигнам очекувањата на нашите граѓани. Не е зијан ако направиме успех – порача Заев.

Премиерот уште еднаш повтори дека со бугарските власти воопшто не се разговара за јазикот и идентитетот, отфрлувајќи ги обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека тој ги распродава македонските национални интереси. Изборите во Бугарија се закажани за 11 јули.