РАКОМЕТ

Знам што значи да се носи дресот на Металург. Чест ми е и задоволство што повторно ќе бидам дел од тимот од Автокоманда, изјави пикерот Петров

Костадин Петров се враќа во Металург, по неколкугодишното играње во шпанското и во романското првенство, и тој во следните две сезони повторно ќе ги брани боите на Металург на пикерската позиција.

Велешанецот Петров (29 год., 190 см) потекнува од школата на Борец, а во својата досегашна кариера бил дел од тимовите на Овче Поле, Куманово, Драчево и Радовиш, од каде што во 2015 година пристигна во Металург и до 2018 година беше дел од тимот од Автокоманда. Негови следни дестинации беа Пелистер (2019), Гвадалахара од Шпанија (2020), Сучеава од Романија (2021).

– Среќен сум што по четири години се враќам во клубот што ми даде најмногу во мојата кариера. Бев дел од тимот три сезони и знам што значи да се носи дресот на Металург. Чест ми е и задоволство што повторно ќе бидам дел од тимот од Автокоманда и што ќе ја делам соблекувалната со големи ракометни имиња, како што се браќата Њокас, Златко Хорват и сите други. Верувам во себе и во своите можности, верувам во тимот и во стручниот штаб и се надевам дека ќе станеме една компактна целина, која ќе има што да каже и да покаже на европската сцена и во домашното првенство, кое, за разлика од пред три-четири години, сега е многу поквалитетно и поконкурентно – изјави Петров.

Паралелно со ангажманот на Петров, Металург ја продолжи соработката и со голманот Даниел Дупјачанец. Претходно, Металург своите редови ги засили со француските браќа близнаци Оливие и Кевин Њокас (лев и десен бек), а верноста со клубот ја продолжија и хрватското десно крило Златко Хорват и црногорскиот лев бек Василие Калуѓеровиќ.