Вредните експонати, златната маска и раката, кои беа дел од изложбата „100 години Требениште“, повторно се изложени во Златната соба во „Куќата на Робевци“
Златната маска и раката, како и сите прилози од гробот 132, откриени на локалитетот Горна Порта во Охрид, по завршувањето на меѓународната изложба „100 години Требениште“ во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, повторно се вратени во Златната соба на охридскиот музеј Куќата на Робевци“. Ексклузивната изложба „100 години Требениште“, која беше отворена во март 2019 година, привлече големо внимание, а во неа со свои експонати учествуваа и Народниот музеј од Белград и Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија. Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид деновиве реализира одредени активности за повторно привлекување на вниманието на јавноста на вратените артефакти и воопшто на содржината на познатата Златна соба.
– Во моментов работиме на изработка на нов рекламен материјал во печатена и дигитална форма, кој на разни начини ќе биде дистрибуиран до сите посетители на Охрид. Се надеваме дека нашите заложби за промовирање и популаризирање на постојаната поставка во музејот „Куќата на Робевци“, која ја вклучува и Златната соба, ќе дадат плод и ќе ја зголемат посетеноста на овој музеј, кој треба да биде незаобиколен дел од туристичката понуда на градот. Меѓународната изложба „100 години Требениште“, која вклучуваше археолошки артефакти од музеите во три држави (Македонија, Бугарија и Србија), е еден од најкомплексните и најуспешни проекти од областа на музеологијата што е организиран во нашата земја.
Одлично конципираната изложба и фантастичниот каталог, во кој беа претставени сите наоди од некрополата кај Требениште, придонесоа за големата посетеност на оваа изложба. Меѓународната афирмација и популаризацијата на златната маска и другите скапоцени прилози од гробот 132, кој е откриен кај Горна Порта во Охрид, секако ќе придонесат и за зголемена посетеност на Златната соба. Во неа, освен реконструкцијата на овој гроб, се изложени и голем број златни наоди што се откриени во Охридскиот Регион – рече директорот на Охридскиот завод и музеј, Мишко Тутковски.
Тој потсети дека во „Куќата на Робевци“, во обновените поставки, се изложени и стотици археолошки и етнолошки артефакти со исклучителна културолошка и уметничка вредност што ја отсликуваат богатата историја на Охридскиот Регион во периодот од предисторијата до модерните времиња.
Тутковски информира и дека во годишната програма за работа на Заводот и музеј за 2021 година, поради пандемијата, не се предвидени посебни изложби што би се организирале во „Куќата на Робевци“.
– Се надеваме дека во 2022 година пандемијата ќе биде далечно минато, а ние ќе може повторно да функционираме непречено и да им понудиме многу повеќе на сите посетители на нашиот музеј. Дотогаш, сите посетители на „Куќата на Робевци“ ќе може да уживаат во постојаната поставка – вели Тутковски.