Милиони дози вакцини ќе пропаднат доколку богатите земји го испратат својот вишок во сиромашните земји одеднаш, предупредува Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
УНИЦЕФ посочува дека е потребно постојано снабдување со вакцини во текот на годината, бидејќи посиромашните земји немаат ресурси за краток рок да ги користат сите вакцини.
Предупредувањето го поддржаа светски познати личности, вклучително и американската кантавторка Били Ајлиш и поранешната ѕвезда на англискиот и светскиот фудбал Дејвид Бекам.
Познати личности потпишаа писмо до земјите членки на Г7 во кое бараат богатите земји да донираат 20 проценти од резервите за вакцини до август.
– Пандемијата нема да биде поразена сè додека не биде совладана ширум светот – изјави Дејвид Бекам.