Ковачиќ, Кристенсен, Чилвел, Џејмс, Маунт, Канте, Хаверц, Ридигер, Вернер, Жоргињо и Аспиликуета имаат можност со титула со својата репрезентација на ЕП да стигнат до два континентални трофеја во иста година
ФУДБАЛ
Само девет фудбалери досега станале европски прваци со клуб и со репрезентација во иста година. Претходните што го направија тоа се Кристијано Роналдо и неговиот тогашен соиграч од Реал Мадрид, Пепе, кои имаа одлично лето во 2016 година, откако победија во Лигата на шампионите (ЛШ), потоа станаа континентални прваци и со Португалија.
По триумфот на Челси во Лигата на шампионите за сезонава, сега има неколку фудбалери што може да влезат во овој елитен клуб. За да се квалификуваат како „двојни победници“, играчите мора да настапиле во двете финалиња, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Челси го совлада Манчестер сити со 1-0 во финалето на ЛШ во Порто, со што ја освои втората европска титула. Точно 11 фудбалери на „сините“ што триумфираа на стадионот „Драгао“ ќе се надеваат дека ќе освојат двојна круна со додавање на титулата на Европското првенство летово. Тоа се Матео Ковачиќ (Хрватска), Андреас Кристенсен (Данска), Бен Чилвел, Рис Џејмс, Мејсон Маунт (Англија), Нголо Канте (Франција), Каи Хаверц, Антонио Ридигер, Тимо Вернер (Германија), Жоргињо (Италија) и Цезар Аспиликуета (Шпанија).
ФУДБАЛЕРИ СО ДВЕ ЕВРОПСКИ ТИТУЛИ ВО ИСТА ГОДИНА
ГОД. ИГРАЧИ КЛУБ И РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
1964 Луис Суарез Интер и Шпанија
1988 Ханс ван Бреукелен,
Роналд Куман, Бери ван Ерле,
Џералд Ваненбург ПСВ и Холандија
2012 Фернандо Торес, Хуан Мата Челси и Шпанија
2016 Кристијано Роналдо, Пепе Реал М. и Португалија
Извор: УЕФА