Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапување кон Европската унија, но останатите земји продолжуваат „да ја шутираат“ кога и да е тоа потребно, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, откако Софија ги осуди неговите ставови за нивниот однос кон Македонија, пренесуваат хрватските медиуми.
– Бугарија се навикна да ја шутира Македонија секојпат кога има внатрешнополитички проблеми кои не може да ги реши, па им е потребен виновник и удира по Македонија. Тоа не е во ред – изјави Милановиќ.
Според него, Македонија и нејзиниот народ досега платиле голема цена со промената на името.
– Тие играат примерно и по правилата, и ги исполнија сите демократски услови што може да се замислат – додаде Милановиќ.
За потсетување, хрватскиот претседател во понеделникот на самитот на земјите од Западен Балкан што се одржа во Брдо кај Крањ остро ја осуди Бугарија поради нејзините ирационални барањата во однос на Македонија.
Амбасадорката на Република Хрватска во Софија, Јасна Огњановац, вчера беше повикана на разговор во бугарското МНР по наредба на министерот за надворешни работи, Светлан Стоев. По завршувањето на процесот Брдо-Бриони, Милановиќ изјави дека ова што сега една земја-членка на ЕУ ѝ го прави на Македонија е влегување во интимниот простор, и оцени дека Македонија се наоѓа во невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите.