Заврши првата фаза од реконструкцијата на една од главните сообраќајни артерии во Центар и во Скопје, улицата „Орце Николов“, информираат од оваа скопска општина.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и премиерот, Зоран Заев, денеска извршија увид на градежните работи на улицата.
– Неубавите слики кои што ги гледавме каде лица со посебни потреби со инвалидски колички се движеа по коловозот и мајки со деца во колички поминуваа само кога нема возила по улицата, полека, но сигурно стануваат минато. Благодарение на градот Скопје се донесе нов сообраќаен режим каде целосно се измени концептот и на динамичниот и на стационарниот сообраќај. Претходната власт на градот Скопје инвестираа само во десеттина канти боја и неколку знаци, а од „Орце Николов“, наплаќаа огромни средства без да помислат за безбедноста на пешаците и велосипедистите а уште помалку на паркинг места за станарите – изјави Богдановиќ.
Сопред општинските власти, целта на реконструкцијата е да се зголеми безбедноста на улицата „Орце Николов“ преку воведување на физички мерки за смирување на сообраќајот, а со самото тоа да се намали бројот на сообраќајни незгоди на овој потег.
Со реконструкцијата ќе се даде поголем приоритет на пешаците, со тоа што ќе се стимулираат пешачките токови и ќе се зголеми безбедноста при нивното движење по цела должина на улицата.
– По целосната реконструкција на улицата, целосно ги ослободуваме коловозот и тротоарите од паркирани возила и со тоа на жителите на овој дел од градот им создаваме услови за олеснето движење по пешачките површини и велопатеките, што ќе доведе до општо намалување на сообраќајниот метеж на оваа улица – рече Шилегов.
Тој посочи дека со новиот проект, ќе се стесни коловозниот дел на улицата, со задржување на двете ленти за возила и ќе се изведе нов кружен тек.
Со реконструкцијата ќе се воведат велосипедски ленти кои ќе овозможат поврзување на велосипедистите и корисниците на алтернативни средства за транспорт, со останатите велосипедски патеки кои веќе постојат или се предвидени согласно Планот за развој на велосипедски патеки на Град Скопје.
„Брзината на движење на оваа улица за моторните возила е ограничена на максимални 30 километри на час, а предвидените дополнителни зафати ќе обезбедат уште поголеми можности за безбедност на учесниците во сообраќајот и на пешаците. Тоа е одлика и одраз на најдобрите искуства од големите метрополи за пријателско опкружување на граѓаните на нивното урбано секојдневие“, додаде премиерот Заев, потенцирајќи ја потребата од уште вакви зафати во сите општини во државата.
Целосната реконструкција на улицата ќе биде поделена во шест посебни фази, од кои секоја ќе опфаќа посебен дел од „Орце Николов“. Реконструкцијата на улицата ќе го опфати целиот потег кој е под надлежност на Општина Центар, од раскрсницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до раскрсницата со улицата „Франклин Рузвелт“.
Реконструкцијата на „Орце Николов“ ќе опфати површина од вкупно 7.182 метри квадратни и се очекува да биде готова во јули.
Целиот зафат ќе чини 64.847.608 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар.