Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров утрово во Атина го започна своето учество на 6-от Економски форум Делфи со панел на тема „Дипломатијата на малите држави во комплексниот поредок“.
Димитров потенцираше дека Северна Македонија извлече голем број поуки во текот на триесетте години од независноста.
– Успеавме да се приклучиме кон НАТО, со поддршката од нашите соседи во Атина – рече Димитров.
Вицепремиерот објасни дека пристапот на нашата дипломатија и надворешна политика во текот на изминатите години беше да се фокусираме на иднината, на заедничките интереси, да им отежниме на другите да покренат спор со нас, односно да бидеме пријателски настроени, отворени и да работиме заедно.
Заменик министерот за надворешни работи на Грција Милитиадис Варвициотис истакна дека неговата земја не подржува раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.
– Сакам да кажам дека новиот процес на проширување за кој се согласивме минатата година, треба да биде кредибилен процес и треба да биде процес што ќе се одвива со поголема брзина во споредба со стариот процес на проширување, низ поглавја, низ преговори што никогаш не завршуваат. Затоа е битно овој процес да почне веднаш за сите кандидатски земји. Ние не поддржуваме било какво раздвојување на Северна Македонија и Албанија, сметаме дека тоа би било катастрофално за регионалната сигурност. Исто така, сакаме Црна Гора и Србија да го забрзаат нивниот процес на пристапување кон ЕУ за да може поблиску да соработуваме со ЕУ.
Процесот треба да биде кредибилен и реверзибилен, во смисла ако една земја кандидат уназадува во однос на европската апликација. Но од друга страна, ЕУ исто така треба да си го одржи ветувањето и да не одложува – потенцира тој.
И министерот за надворешни работи на Кипар Никос Христодулидес јавно ја изрази неговата поддршка за европската иднина на Северна Македонија.
– Ние можеби сме мала држава, но на крајот на денот имаме еден глас исто како Германија, Франција и други големи земји-членки. Јас сум многу загрижен дека како Европска Унија ја губиме кредибилноста на Балканот, ние зборуваме за геополитичка Европска Унија, но споредено со другите геополиитчки актери, ние ја губиме играта. Затоа се надевам дека во следните недели ќе биде возможно да имаме позитивни вести во однос на Северна Македонија, како и регионот. Неодамна го посетив регионот заедно со Дендиас, ја изразивме нашата поддршка за европската перскпетива на Западен Балкан – истакна Христодулидес.
На сесијата на која покрај Димитров учествуваа и министерот за надворешни работи на Кипар Никос Христодулидес и грчкиот заменик министер за ЕУ, Милтиадис Варвициотис се дискутираше за главните предизвици на малите држави во Европа во контекст на сложениот меѓународен поредок за остварување на националните цели и интереси, како и главните поуки од Ковид-19 пандемијата за ефективно делување во комплексноста на меѓународните односи.