Истражувањето спроведено во 53 земји, на повеќе од 50 илјади испитаници, за ставовите во врска со демократијата, пандемијата на ковид-19 и геополитичките теми, нарачано од непрофитната „Алијанса на демократии“, а спроведено од „Латана“, покажало интересни резултати. Меѓу сите испитаници, 44 отсто стравуваат од американско влијание врз демократиите во нивните земји, 38 отсто од кинеско и 28 отсто од руско влијание. Во споредба со претходните истражувања, глобалниот страв од Америка расте. Најголемата разлика е во Германија (20 отсто пораст) и Кина (16 отсто). Во Русија, стандардно веќе ги сметаат САД како најголема опасност…
Истражување: Пандемијата, глобалната политика и влијанието врз луѓето
Во оваа пандемиска година, кај луѓето е зголемен стравот од влијанието на трите светки државни сили, како САД, Кина и Русија. Ова го покажало истражувањето спроведено во 53 земји, на повеќе од 50 илјади испитаници, за ставовите во врска со демократијата, пандемијата на ковид-19 и геополитичките теми. Истражувањето е нарачано од непрофитната „Алијанса на демократии“, а го спровела „Латана“.
Дали тоа може да се толкува и како страв од некаков глобален конфликт? Паралелно во истражувањето се покажало дека расте недовербата во домашните влади во справувањето со пандемијата.
Освен западните демократии, истражувачите вклучиле и ставови од земји како Венецуела, Кина, Русија, Унгарија, Нигерија, Саудиска Арабија, Виетнам.
Светот оди во спирала надолу
Аналитичарот и поранешен дипломат Ристо Никовски вели дека оваа анкета покажува една голема доминација на големите сили, која апсолутно не значи никаква демократија.
– Во прашање се владеење и наметнување на силата на малку поинаков начин отколку што било случај во 19 век или малку порано. Интересно е што за Германците поопасни се САД и во основата, од европска гледна точка, тоа е апсолутно точно. За да ги реши моментално, за да ги реши своите внатрешни проблеми поврзани со длабоката поделеност, Вашингтон се конфронтира со Русија и Кина, ем како кохезиски домашен фактор, ем да го сврти вниманието на јавноста. Со тоа, ја конфронтира ЕУ со Русија и ја држи Европа под постојана контрола. Свесни се дека Европа не може да биде обединета без Русија, а Русија и Германија заедно значи нова светска велесила, која ќе биде по многу нешта доминантен фактор. Во целина, светот оди прудолу и не може да се очекува мир и соработка во блиска иднина. Македонија ќе биде во секој случај под силно влијание на овие меѓународни движења и мора да го бара своето место пред сѐ преку средување на својот двор, бидејќи ЕУ-интеграцијата е далечна иднина – објаснува Никовски.
Состојба слична на Студената војна
Универзитетскиот професор Нано Ружин вели дека состојбите во меѓународната заедница не се идеални и потсетуваат на времето од Студената војна, бидејќи Кина води сопствена политика, која има дестабилизаторски ефекти. Русија исто така на извесен начин ги дестабилизира односите околу Црно Море, проблемот со Украина, Крим. Одредени ефекти има и турското однесување околу Ирак.
– Секако, кога сето тоа ќе се стави во контекстот на пандемијата, се наметнуваат повеќе прашања и дилеми, дали се работи за еден вид биолошка војна, каков ќе биде ефектот на постпандемијата. Дали онаа стратегиска рамнотежа што ја воспоставила Алијансата со другите големи сили и натаму ќе опстојува и што ќе се случува со глобалниот тероризам со оглед на тоа што САД се повлекуваат од Авганистан. Сето тоа во економско-финансиска криза, која се должи на пандемијата, создава кај малите држави чувство на несигурност, страв, барање сојузници итн. Разбирливо е дека индивидуата, граѓанинот си поставува дилеми да не дојде до некое ново заладување на ова постојно заладување, во кое секогаш најмногу страдаат малите држави и народот. Сето тоа влијае врз одреден песимизам и еден вид и европесимизам. Кризата со пандемијата покажа дека државите гледаат прво на сопствените интереси, а потоа на интересите на сојузниците. Општата состојба во светот оваа година не е најповолна и се очекува едно заживување веднаш по надминување на кризата – посочува Ружин.
Недоверба во домашните влади
Меѓу сите испитаници, 44 отсто стравуваат од американско влијание врз демократиите во нивните земји, 38 отсто од кинеско и 28 отсто од руско влијание. Во споредба со претходните истражувања, глобалниот страв од Америка расте. Најголемата разлика е во Германија (20 отсто пораст) и Кина (16 отсто). Во Русија, стандардно веќе се сметаат САД како најголема опасност.
Задоволството од реакцијата на владата на вирусот првично беше големо: дури 70 проценти во светот. Сепак, довербата во владините пандемиски реакции опаѓа низ светот, па затоа сега е 51 процент, а во Европа ниски 45 проценти. Само во Азија луѓето сè уште се задоволни од социјалниот одговор на вирусот (76 проценти).
Дури 64 отсто од испитаниците во светот сметаат дека економската нееднаквост е најголемата закана за демократијата.
Вкупно 81 отсто од испитаниците сметаат дека демократијата е важна. Најзадоволни од состојбата на демократијата во нивната земја се луѓето од Скандинавија и од Кина. Во Русија, само 33 отсто сметаат дека состојбата на демократијата во нивната земја е задоволителна.
Слична недоверба во демократските лостови на сопствената земја, според оваа анкета, има и во Унгарија, Полска и Нигерија.
Од испитаниците, 62 отсто сметаат дека социјалните мрежи имаат добро влијание врз демократските процеси, а најголема доверба од ваков вид имаат во Хонгконг (72 отсто) и Венецуела (72 отсто), додека најмала е во САД (41 отсто). Недовербата на луѓето во Америка кон социјалните мрежи не изненадува ако не им веруваат на технолошките компании.