Чешките села зафатени во шпионската афера посакуваат смирување на ситуацијата
Локалните жители на Влачовице и на Врбетице со децении беа сведоци на активностите околу кампот опкружен со бодликава жица во близина на нивните села, додека поминуваа армиите на Чехословачка, нацистичка Германија, СССР и на Чешка, пишува „Њујорк тајмс“.
Кога професионалната војска се повлече од селото во 2006 година, тајноста на активностите дополнително се зголеми, со што магацините за оружје кои се наоѓаа во близина беа преземени од страна на приватни компании. А најголемата мистерија се случи во октомври 2014 година кога изби голема експлозија во магацинот број 16.
Експлозијата беше повод за шпионска афера која дополнително ги влоши односите на Русија и Западот додека се поставуваше прашањето кој е одговорен за експлозијата и кои се мотивите. Првично се сметаше дека несоодветното складирање на оружјето било причина за експлозијата, а потоа и за другите кои се случија два месеца подоцна. Но чешката влада минатиот месец соопшти дека станувало збор за акција за саботажа изведена од руски разузнавачки оперативци. Изненадувачкото тврдење поттикна дипломатски спор кој резултираше со меѓусебно протерување на речиси 100 руски и чешки дипломати од Прага и од Москва, како и со доведување на односите помеѓу двете држави на најниско ниво уште од крајот на Студената војна.
Жителите на овој крај, пак, сакаат ситуацијата да се смири додека се грижат за нивните имоти, а не за геополитиката.
– Не е важно кој ги предизвика експлозиите. Главен проблем е што нашата влада дозволи ова да се случи – вели Ростислав Каса, кој сепак, смета дека „Русите стојат зад експлозиите“.
Присуството на разузнавачите во нивното село исто така ги загрижи жителите на Врбетице.
– Забавно е да го гледате Џејмс Бонд во филмовите, но не сакате тој да се крие зад вашиот рид – вели Јарослав, еден од синовите на Ростислав Каса.
Локалните власти истакнуваат дека немале претстава што се чува во магацините. По експлозиите биле потребни шест години за експертите да го пребараат просторот за неексплодирани материјали и за опасен отпад во акцијата за расчистување.