Шпанскиот фудбалски тренер Унаи Емери уште еднаш докажа дека е специјалист за Лига Европа (ЛЕ) откако со Вилјареал успеа да се пласира во финалето, елиминирајќи го неговиот поранешен клуб Арсенал со вкупен резултат 2-1 во двомечот, по вечерашните 0-0 во Лондон.
Ова е петто финале за Емери во континенталното натпреварување, кое го освои во три последователни сезони со Севилја (во 2014, 2015 и во 2016 година). Единствениот пораз во завршните мечеви во ЛЕ, Емери го претрпе токму на клупата на Арсенал, од Челси 1-4 во 2019 година. Потоа беше заменет од Микел Артета, сегашниот менаџер на лондонскиот клуб.
Вилјареал во финалето ќе се сретне со уште еден противник од англиската Премиер-лига, со Манчестер јунајтед кој беше подобар од Рома со вкупен резултат 8-5 во полуфиналниот двомеч, по поразот од 2-3 во Рим. Мечот за трофејот во Лига Европа ќе се игра на 26 мај во Гдањск, Полска.