Францускиот претседател Емануел Макрон влезе во битката околу споменот на славниот војсководец Наполеон Бонапарта што деновиве ја преокупира Франција, објавува „Политико“.
Преку оддавање почит на 200-годишнината од смртта на Наполеон, Макрон потполно го прифати наследството на Наполеон во создавањето на модерните француски државни институции, вклучувајќи дел од законите, апелациониот суд и средните училишта. Но Макрон го призна и дека враќањето на ропството во француските колонии во 1802 претставувало предавство кое тогашната држава го одобрила.
– Наполеон беше Александар и Нерон, душата на светот и демонот на Европа – кажа Макрон, заземајќи го истиот став како и при соочувањето со француското колонијало минато во Алжир и улогата во геноцидот во Руанда, одбивајќи да ги сруши статуите на историските личности кои биле расисти и трговци со робови.
Одлуката на Макрон да му оддаде почит на Наполеон во извесна мера претставува и одбивање да се отфрли спорното наследство на една од најславните личности од француската историја, откако претходните француски претседатели главно ги избегнуваа годишнините поврзани со императорот.
Комеморацијата во која Макрон зема учество претставува политички потег во пресрет на француските претседателски избори в година, кој му овозможува да им удоволи на конзервативните гласачи, истовремено придобивајќи и дел од лево ориентираните, признавајќи ги злоделата на Наполеон. Ваквиот потег стана цел на критики на ривалите на Макрон – Марин Ле Пен и Ксавиер Бертран. Тие го обвинија претседателот дека им попуштил на оние што ги користат темите на колонијализмот и ропството за да ги нападнат Франција и Западот.