Направената географска карта-портолан и цртежот на Скопје не биле случајни. Тие се резултат на соодветните историски околности. Токму тие околности придонеле Скопје да биде вклучено во плејадата значајни градови. Тој портолан за Скопје, Дулцерт го изработил во 1339 година, кога настанале и неговите други значајни карти
Постои интересна приказна за Скопје, кое не само што било нацртано во 14 век, туку за него била направена и географска, односно поморска карта како за други познати медитерански градови. Како се случило Скопје да влезе „директно во Медитеранот“, помеѓу славните медитерански места и градови? Таа необична приказна се одвива вака: средновековната цивилизација, околу 1300 година, непосредно пред ренесансата, доживувала посебна трансформација. Во Европа се чувствувал голем глад за поморски карти, бидејќи почнала да се засилува медитеранската пловидба. Постојано се пловело и затоа била потребна поголема сигурност во познавањето на Медитеранот.
Тие карти станале популарни под името „портолани“, поморски карти, и на нив биле претставени медитеранските градови. И тоа со научни размери какви што тогаш се користеле во науката, со цртежи на соодветните места, нивната местоположба и знамињата што се вееле над нив. Таква карта-портолан за Скопје направил морнарот, поточно картографот Ангелино Дулцерт. Кој бил Ангелино Дулцерт? Тој добил реноме на еден од најдобрите картографи на своето време, изработувајќи ги популарните карти-портолани. Дулцерт прв ја основал „Портоланската школа на Мајорка“, а потоа соработувал и со Каталонците. Во некои извори стои дека бил Каталонец, но тие најверојатно само го ангажирале. Тој не бил ниту од Мајорка ниту од Каталонија, туку Италијанец од Џенова. Меѓу најдобрите изработувачи на портоланите се вбројувале и Италијанците. Во еден период, Ангелино Дулцерт живеел во Мајорка, а најактивен бил во 1339 година. Подоцна картографот Креск Абрахам ја продолжил дејноста на Дулцерт учествувајќи во создавањето на познатиот „Каталонски атлас на портолани“.
Направената географска карта-портолан и цртежот на Скопје не биле случајни. Тие се резултат на соодветните историски околности. Токму тие околности придонеле Скопје да биде вклучено во плејадата значајни градови. Тој портолан за Скопје, Дулцерт го изработил во 1339 година, кога настанале и неговите други значајни карти. Од историјата, помалку се познати фактите дека Каталонците во тоа време владееле со Атина и со Северна Грција. Тогаш посебно се засилил подемот на династијата на Немањиќите, пред сѐ освојувањата на Душан Силни, кој сѐ уште не бил прогласен за цар. Неговата држава станувала сѐ поголема и помоќна, со главниот град Скопје.
Овие успеси предизвикале голем интерес кај соседите и кај другите европски земји. Според некои мислења, за него особено биле заинтересирани Каталонците, бидејќи во 1336 година младиот крал освојувач сакал да се ожени за ќерката на германскиот крал Фридрих и на Елисавета Арагонска, каталонска принцеза. Затоа Ангелино Дулцерт добил задача од Каталонците, во својата богата колекција на портолани или географски карти од Медитеранот, да го вклопи и градот Скопје. Иако бракот не се остварил, сепак, останал портоланот како значаен документ за градот на Вардар, и тоа навистина е посебна чест еден таков познат човек во тоа време да му посвети значајно внимание на Скопје.
Што содржи географската карта-портолан и како е претставено Скопје на цртежот? Претставени се скопската тврдина, централниот дел на градот, заедно со подградието. Во преден план е една од главните порти, најверојатно јужната. Може да се види и дел од внатрешноста на тврдината со полукружни арки, кои може да бидат дел од другите порти на градот. Надвор од неа, прикажана е околината, пред сѐ планините што се означени под името – Монс Епирус. Најважниот дел, секако, се многубројните кули, кои се извишуваат над сите делови од тврдината. На едната од кулите на цртежот, се вее знамето на кое е претставен орел со црвена боја на бела основа, како хералдички симбол што често се користел во средновековието. Орелот бил преземен од Истокот, а потоа бил користен во Византија, но и во земјите што не потпаѓале под нејзина власт. Таквата хералдичка традиција, во видоизменета форма, се зачувала и подоцна.
Во тој ран период, овој симбол се користел заедно со претставите на грифони и пауни, кои биле аплицирани на разни ткаенини или на делови од облеката на високите личности. Но да се вратиме на морнарот и картографот Ангелино Дулцерт. Неговите портолани, меѓу кои и оној за Скопје, се сметаат за „хералдички симболи од прв ред“. И не само тоа. Според изведбата и уметничката префинетост, тие потсетуваат на уметнички дела. Специјалистите сметаат дека портоланите личат на сликарството на големиот сликар Хуан Миро, кој најверојатно ги анализирал творбите на морепловецот. И уште еден куриозитет. Географска карта-портолан, во изработката слична на онаа скопската, поседувал и големиот морепловец Америго Веспучи, кој ја користел при своите патувања. Неа ја направил Габриел Веласек во 1439 година. Веспучи ја купил за огромна сума од 130 дукати! Денес сите тие карти-портолани се бесценети и се чуваат во врвните светски библиотеки и музеи. Скопскиот портолан се наоѓа во националната библиотека во Париз.