Специјализираното возило – противпожарна скала е возило кое спасува животи зашто овозможува безбедно евакуирање на сите што живеат во објекти од пет кат па нагоре, а кои неретко остануваат заробени во своите домови кога пожар ќе избие на пониските катови од повисоките згради, рече на денешната прес-конференција командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски.
– Неопходно беше да се купи ваква скала, тоа се провлекува веќе 10 години и е ставена во јавни набавки од 2010 година, па наваму. Дојде време бригадата да се модернизира и да ја добие скалата во текот на овој месец или на почетокот на јуни. Противпожарната скала е купена по наши препораки, како стручни лица, направена е анализа на територијата на Град Скопје, направени се испитувања на терен за потребите на градот, но и во делот каде што се соочуваме со секојдневни проблеми поради урбанизацијата на градот за да можеме пристапните улици да ги користиме за скалата. Можевме да купиме и поголема скала, но таа немаше да има функција. Според функционалната анализа, оваа скала е најсоодветна за градот Скопје – рече Симоновски.
Станува збор за набавка спроведена на меѓународен тендер кој траел 6 месеци. Притоа, велат од Град Скопје, се имаше предвид дека ваква опрема произведуваат само двајца производители во Европа, Розенберг од Австрија и Магирус од Германија. Во оваа набавка е предвидено одржување на возилото во период од пет години. За набавката на ова возило се предвидени 1,4 милиони евра без ДДВ или 1,7 милиони евра со ДДВ.