Саше Љолес и Петар Младеновски, автори на фудбалската химна на ФФМ за ЕП 2021
„Одиме на Европско“ е химната со која ќе ги бодриме македонските фудбалери на првенството на Стариот Континент што почнува во јуни. Нејзини творци се Саше Љолес и Петар Младеновски алиас Пеце Суперхикс, а деновиве се завршува и снимањето на спотот, кој ќе биде промовиран на почетокот на мај. Со нив поразговаравме за тоа колку им значи овој креативен предизвик и дали уживале во неговата реализација.
Музиката и дипломата на Филолошкиот факултет, на Групата за руски јазик, ви се допирни точки, но кога падна договорот заедно да ја направите химната?
– Да, навистина интересно е и тоа што и двајцата сме колеги по професија, имаме завршено руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, но ние сепак сме од малку различни генерации и нашето познанство не датира од студентските денови, повеќе сме се дружеле низ музичките кругови низ годиниве, па така и комплетирањето на химната се случи токму во една од оние обични дружби, следниот ден по пласманот на Европското првенство, веднаш по натпреварот со Грузија.
Саше ја почна оваа приказна, како се случи тоа?
– Самата идеја за песната почна од рефренот што го напишав уште истата вечер, откако се вратив од пречекот на фудбалерите на ГП Блаце (слетаа во Приштина поради магла во Скопје). Веќе следниот ден со Пеце седнавме и успеавме да ја направиме првата варијанта што ја доработивме во следните неколку дена. Тој исто така сугерираше одлични идеи што станаа важен дел од целината. Набргу потоа беше создаден и бендот „ВИС рисови“, чии членови се и Никола Бочваров, Танче Гроздановски и Слободан Хаџи Илиев. Заедно со нив ја снимивме и демо-верзијата во студиото „1060“ на Дени Крстев, а за миксот и мастерингот се погрижи Валентино Скендеровски. Демото прво им го пуштивме на нашите најблиски другари и роднини и на сите им беше драго што сме направиле песна посветена на нашите фудбалски јунаци.
Дали овој ангажман за вас беше тежок предизвик или повеќе гордост и задоволство?
– Секако дека претставуваше предизвик и големо задоволство, првично поради самата искрена идеја, а уште повеќе поради фактот што песната стана официјална химна поддржана од Фудбалската федерација на Македонија и во овие времиња на прекрасни фудбалски успеси, какви што сме немале никогаш порано. Сигурни сме дека ќе им остане во сеќавањето на многумина и искрено се надеваме дека ќе биде поттикнувачка и дополнително ќе ги мотивира нашите фудбалери на претстојното ЕП 2021.
Како што велите, спонтано сте ја однеле демо-верзијата во ФФМ. Како се случи „на прва“ да ја прифатат песната за химна и имаше ли некои барања за измена на текстот?
– Точно е дека ние самите побаравме прием и им ја предложивме песната на луѓето од ФФМ. По неколку средби со нив беше договорено дека ќе биде прифатена како официјална навивачка химна на фудбалската репрезентација и дека за неа ќе биде изработен видеозапис. Како и во секој креативен процес, песната претрпе одредени измени, и во текстот и во аранжманот. Во однос на финалниот текст, можам само да кажам дека химната ќе се појави во етерот во варијантата што нам најмногу ни се допаѓаше и веруваме дека сите ќе бидат задоволни. Се крена и малку прашина на оваа тема, но ние како музичари и автори на песна што е искрено и од срце креирана, немаме намера да коментираме ништо надвор од нашиот домен.
Сепак, најважна од сѐ е реакцијата на фудбалерите и на селекторот Ангеловски, какви беа тие?
– Демо-варијантите од песната стигнале и до дел од фудбалерите и до селекторот, а нивната реакција беше позитивна и мислам дека им е многу драго зашто е направена во нивна чест. За нас како автори, таа е веќе хит, па дури и тоа да е само во наш, интерен круг. Но мислам дека и јавноста ќе ја прифати затоа што е направена од срце, а можам само да замислам што ќе се случи ако нашите фудбалери забележат успешни настапи на ЕП 2021, тогаш химната ќе ја направат безвременска, колку и да звучи ова нескромно. Многумина од репрезентативците заедно со селекторот Ангеловски дојдоа на терените на ФФМ и учествуваа во снимањето на спотот, кој на почетокот на мај ќе се појави во јавноста и сите ќе уживаме во едно епско видео, какво што одамна не е направено во Македонија. За тоа се задолжени нашите долгогодишни соработници од продукцијата „Мелем“, на чело со Огнен Шапковски и Кристијан Теодоров.
Имаше ли интересни случки за време на снимањето на спотот?
– Упатуваме голема благодарност до сите статисти и до сите наши пријатели од Свети Николе, Велес, Крушево, Битола, Охрид, Гостивар и уште неколку града, кои срдечно се ставија на располагање да помогнат за логистиката, договарањето локации, дозволите за снимање на јавни површини… Многу работи се сменија во текот на планирањето на сценариото за спотот. Од првичната идеја, па сѐ до она што до денес го имаме снимено, се сменија околу 70 отсто од првично планираните сцени. Овие драстични промени секојдневно ни создаваат смешни и неочекувани ситуации. Имавме идеја да вметнеме и сцени со активните навивачки групи од цела Македонија, но сфативме дека тоа во моментов е невозможно.
Во еден стих велите: „Одиме на Европско првенство, сонот наш од детство…“. Соништата не се исполнуваат секогаш, но, за среќа, овој ќе го живееме на јаве.
– „Одиме на Европско првенство, сонот наш од детство“ е првиот стих што беше напишан уште ноќта по натпреварот со Грузија. Навистина верувам дека им се оствари сонот на многу генерации што со нетрпение очекуваа да ја видат нашата репрезентација на едно големо натпреварување. Македонија, за жал, не можеше да се пофали со многу успеси на фудбалски план и затоа овој не смее да биде во ниту еден момент потценет и треба во секоја можна ситуација да ги бодриме и да ги поддржуваме нашите фудбалери. Тие го остварија нашиот сон од детството, го кренаа скалилото за успех и ќе придонесат полека да почнеме да го бришеме оној „лузерски“ менталитет од минатото.
Ќе ги бодрите ли нашите фудбалери во живо?
– Задоволството да се проследат некои од натпреварите на ЕП би било неописливо, но ќе видиме како ќе се одвиваат настаните со пандемијата. Сепак, нема да се откажеме од идејата да одиме во Букурешт и во Амстердам. Ако постои барем најмала шанса за патување, одиме на Европско!